Доживотна казна затвор им беше изречена денеска на обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товареше дека давал информации за движењето на неговата ќерка, е ослободен од обвинение.
„Судот на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски за кривичното дело грабнување им утврдува казна затвор од по 10 години, а за кривичните дела убиства на секој од обвинетите поединечно им утврдува казна затвор доживотен затвор, со што им се утврдува единствена казна доживотен затвор. Обвинителот и покрај убеденоста не успеа да докаже дека обвинетиот Ѓорчевски го сторил делото кое му се ставаше на товар, па за тоа го ослободува. Останатите обвинети се виновни бидејќи на свиреп начин ја лишиле од живот жртвата Вања Ѓорчевска, изложувајќи ја на тешко психичко страдање. Велибор го извадил девојчето од багажникот, ја ставиле во дупка која претходно ја ископале, а Палевски со пиштол НН марка преку перниче кое го пронашол во близина, испукал куршум во главата на девојчето“, рече судијата Ивица Стефановски.

Судијата се врати назад и на убиството на Панче на 22 ноември 2023. На ист начин, Манев го нападнал, Видевски го совладал и му залепил лента на устата. По насоки на Палевски, го однеле на местото Рудник над Велес, Палевски го убил со еден куршум во главата, по што го заплениле неговото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје“.
Судот одлучи мерката притвор спрема обвинетите осудени за доживотен затвор да се продолжи до правосилноста на пресудата, додека, по однос на обвинетиот Александар Ѓорчевски се укинува мерката куќен притвор бидејќи е ослободен од обвинение.
Обвинителството е незадоволно од одлуката на судот да го ослободи таткото на убиеното девојче Вања. Најави дека ваквата одлука ќе ја обжали пред Апелациониот суд бидејќи не слушнало никаков аргумент за ваквата одлука а и смета дека има доволно докази за тој да биде осуден за помагање во убиството.