На 12 мај 2026 година, учениците од прво одделение од ООУ „Кочо Рацин“ под раководство на одделенскиот раководител Анета Станкоска и наставничка по англиски јазик Марина Велкоска од ООУ „Пецо Даскалот“ од Долнени, реализираа посета во селото Вранче.
Целта на посетата беше да се запознаат со природата и традициите на локалната заедница, како и да се поттикне соработката помеѓу училиштата.




Со љубопитни очи и насмевки на лицата, учениците ја посетија фармата, каде одблиску ги запознаа домашните животни – крави, овци, кози, кокошки… Научија како треба да се грижат за нив, што јадат и каква корист има човекот од нив.
Прошетката низ селото им овозможи да ги забележат куќите, дворовите, градините и патиштата, споредувајќи го селото со градот. Разбраа дека иако животот таму е помирен, тој е исполнет со многу работа, труд и поврзаност со природата.
Овој ден беше исполнет со нови знаења, радост и искуства. Учениците научија дека селото не е само место, туку начин на живот во кој се негуваат вредности како трудољубивост, заедништво и љубов кон природата.




Исто така беа изведени различни тимски игри кои промовираа соработка и другарство што е важно за нивниот социјален и едукативен развој. Наставниците изразија задоволство од активностите и се надеваат на нови вакви иницијативи во иднина.


