ЕУ донанираше возила и опрема вредни 700.000 евра на Државниот инспекторат за транспорт

Facebook
Twitter
Email
Print

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска заедно со амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, присуствуваше на промоцијата на нови возила и опрема – донација од Европската Унија наменета за зголемување на капацитетите на Државниот инспекторат за транспорт, во вкупна вредност од 700 илјади евра.

Николоски истакна дека станува збор за значајна поддршка која ќе овозможи инспекторатот многу поефикасно да ја извршува својата работа и да ја покрива целата територија на државата.

„Навистина е големо задоволство да ја промовираме оваа голема донација која Европската Унија ја прави за нас. Ова е навистина многу значајно. Државниот инспекторат за транспорт со ова добива комплетно нова димензија. Ако претходно вредните луѓе кои работат во инспекторатот се обидуваа колку што можат да ја покријат територијата на државата, по оваа донација ќе можат целосно да ја покријат и да бидат присутни буквално на секоја точка“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека новите специјално опремени возила ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор, поголема безбедност во сообраќајот и подобра заштита на патната инфраструктура.

„Со овие 16 специјално опремени патнички возила, двете специјално опремени возила за следење и специјално адаптираното комбе кое ќе служи како контролен центар, инспекторатот ќе може целосно да ја заврши својата работа. Тоа значи повеќе безбедност на патиштата, побрз и поефикасен инспекциски надзор, но и подобра заштита на патиштата преку контрола на прекумерната тежина на камионите, превозот на опасни материи и контролата на автобусите за да ги исполнуваат сите стандарди за превоз на патници“, рече министерот.

Според него, инвестициите во патната инфраструктура мора да бидат проследени со засилени контроли, со цел да се зачува нивниот квалитет и долговечност.

„Градиме експресни патишта и автопати, но истовремено мора многу да внимаваме на безбедноста и на заштитата на патиштата. Еден од главните фактори за нивно уништување е непочитувањето на правилата. На овој начин инвестициите што ги правиме ќе добијат долгорочна вредност“, истакна Николоски.

Тој упати благодарност до амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, за неговата лична посветеност во реализацијата на проектот, нагласувајќи дека донацијата не се состои само од возила.

„Оваа донација не се само возила, туку и современ софтвер за следење на возилата, како и знаење и обука за инспекторите во Државниот инспекторат за транспорт. Оваа донација значи иднина“, порача Николоски.

Заменик претседателот во втора фаза најави дополнителни инвестиции со цел унапредување на капацитетите и ефикасноста на Државниот инспекторат за транспорт.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Во КРЕМОНА ШОПИНГ ЦЕНТАР сега и ѕидни панели, вештачка трева, декоративни дрвца, трпезариски маси и клуб маси, компјутерски бироа и столици
ТЕМЗА - нов дневен престој во Припеп - дружење, учење, забава – исто како децата да се дома
Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци