Европската Унија подготвува најрадикална промена во својата политика за проширување досега. Според нацрт-предлогот на Европската комисија, на земјите-кандидати ќе им се понуди постепен пристап до единствениот пазар и до европските фондови уште пред официјалното пристапување кон блокот.
Нацрт-документот, подготвен од Александар Адам, главен советник на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го прикажува моделот на „постепена интеграција“.
„Единствениот пазар е прв приоритет за економска конвергенција. Пораната интеграција би отворила можности за бизниси во Унијата, би ги зајакнала европските вредносни синџири и би ги намалила стратешките зависности. Комисијата ќе утврди каде потврдената усогласеност со регулативата и капацитетот за спроведување овозможуваат подлабоко учество во истражувањето, иновациите и во индустриската соработка, како и поширок пристап до пазарот“, се вели во нацрт-планот за придобивките што ќе им се понудат на земјите-кандидатки.
Сепак, овие економски придобивки не би дошле без услови. Пристапот до клучниот економски ресурс на ЕУ би бил директно условен со целосно усогласување со надворешната политика на Унијата, спречување на споделувањето чувствителни технологии со ривалски држави како Русија и Кина, како и со доследно почитување на демократските стандарди.
Според документот, Европската комисија има намера да понуди забрзани „патокази“ за Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора. Од друга страна, во однос на Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Косово, Србија и Турција, документот констатира дека нивните процеси на пристапување се одолговлекуваат со години, создавајќи ризик од замор од проширувањето, дисфункција и потенцијално свртување кон Москва или Пекинг. Токму затоа, новиот концепт има за цел да понуди опипливи придобивки за граѓаните и економиите на Западен Балкан уште за време на самиот преговарачки процес, наместо да се чекаат децении за полноправно членство.
Клучна новина во предлогот е принципот на реверзибилност. Доколку земјата-кандидат назадува во однос на владеењето на правото и демократијата, не ги спроведува санкциите на ЕУ или споделува чувствителни податоци со непријателски настроени влади, економските придобивки што ѝ се понудени би можеле веднаш да бидат суспендирани или целосно укинати.
Официјален предлог за овој пакет ќе им биде претставен на европските претставници на 6 октомври, по враќањето на Урсула фон дер Лајен од нејзината турнеја низ Западен Балкан. Лидерите на ЕУ ќе разговараат за планот на самитот во Брисел на 15 октомври.