Запознајте го Матиас Трабалано – млад Италијанец кој беше во Прилеп, а е на неверојатна авантура долга преку 30.000 километри со велосипед!

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Ја имавме честа да поразговараме со Матиас Трабалано, 29 годишен Италијанец од Милано, кого случајно го начекавме низ Прилеп возејќи велосипед, а кој што моментално е на една неверојатна авантура, односно со велосипед патува од Нов Зеланд, Австралија, преку Индонезија, па се до својата Италија. Желбата за патување и запознавањето на различни култури досега го одвела низ 18 земји и има поминато над 30.000 километри на својот велосипед.

Проследете го во целост неговото интервју!

Здраво Матиас, моментално си на една неверојатна авантура, патувајќи со својот велосипед низ светот. Кажи ни нешто повеќе за твоето патување, кога започна и од каде?

„Мојата авантура, моето патување започна во ноември 2022 година од Милано, Италија и патувам повеќе од 3 години и 6 месеци. Со авион од Милано летав до Нов  Зеланд, земја која што е најоддалечена од Италија, точно е на спротивната страна од светот и затоа ја одбрав неа како почеток на моето патување. Потоа од Нов Зеланд се префрлив во Австралија која што ја завртив со велосипедот. Од Австралија повторно со авион се префрлив во Бали, Индонезија од каде што комплетно со велосипед извозив до тука, патувајќи низ 18 земји, поминувајќи ги Сингапур, Малезија, Тајланд, Камбоџа, Виетнам, Лаос, Кина. Низ Кина морав од време на време да користам воз или автобус бидејќи бев ограничен со време со визата, а тоа е земја која е прилично тешка за возење со велосипед, огромна е и има многу планини. Потоа возев низ Киргистан, Узбекистан, Авганистан, Иран, Ирак, Турција, Грција и сега во Македонија.“

Колку километри имаш досега поминато со велосипедот?

„Досега имам извозено околу 30.500 километри.“

Која беше мотивацијата да се започне ова долго патување?

„Одлично прашање! Секогаш ми беше сон да патувам околу светот, уште од дете бев многу фасциниран од различните култури, различна природа, секогаш го сакав чувството кога сум во природа, надвор од мојот дом, надвор од Италија. Секогаш сонував за едно вакво патување! Како втора причина, ова е начин да се разберам самиот себе си, да го разберам својот карактер, каков човек сум, но и да одлучам што сакам да правам во иднина. Тие беа двете главни причини за ова патување, мојот сон и љубов кон патувањето, чувството за авантура и секако да се разберам себе си и надворешниот свет.“

Дали може да ни споделиш некоја интересна случка која што се случи за време на патувањето?

„Има повеќе, но прво што ми доаѓа на ум е кога бев во Иран, тоа беше во јануари кога имаше големи народни протести против тамошниот режим, бев комплетно без никаков контакт со светот бидејќи интернетот беше исклучен низ целата земја, не бев целосно запознат со ситуацијата и нормално бев доста загрижен поради сето тоа што се случуваше околу мене. Но луѓето во Иран се навистина прекрасни, запознав доста пријатели таму и поминав прекрасни 2 месеци во таа земја, со исклучок нормално на послениот дел од престојот кога беа протестите и кога пробував што е можно побрзо да избегам во друга земја, односно во Ирак.“

Рече дека си поминал и низ Авганистан, како беше ситуацијата таму, исто така земја за која не секој би се согласил да ја шета со велосипед?

„Да, точно така, но морам да признаам дека немав апсолутно никакви проблеми со талибанскиот режим таму. Се чувствував доста безбедно и мислам дека тоа им е политика, сите странци и туристи да бидат оставени на раат, односно дури и се трудат да привлечат што е можно повеќе туристи, затоа што нормално туристите оставаат пари во нивната економија.“

Каде престојуваше за време на твоето патување, каде спиеше, дали користеше шатор за кампување, или пак спиеше по хостели, мотели…?

„Зависи, повеќе од времето спиев надвор, така да кампувањето беше мојот главен престој, користејќи го својот шатор, спиев често и кај различни луѓе, во дворовите на ресторани, зависи од државата во која што сум во моментот, сум спиел во полициски станици, метро станици, будистички храмови кога бев во Азија, но секако и во хостели и мотели кога навистина ми беше потребен добар одмор, или пак да се истуширам, исперам и слично. Но дефинитивно, најмногу кампувајќи.“

Зошто во полициска станица?

„Затоа што во некои земји како Индонезија луѓето се доста пријателски расположени и можеш да преспиеш во полициска станица, каде можеш да се истушираш и да се одмориш.“

Кое е најубавото место што го посети досега за време на ова патување?

„Го гледам светот како многу колоритен, секоја земја е прекрасна на свој сопствен начин, но од моето искуство од тоа што го видов и искусив лично, дефинитивно можам да одвојам 2 земји, а тоа се Австралија, бидејќи е огромна земја, навистина дива, дивиот свет е фантастичен, премногу животни, но исто така ја обожавав и пустината, бидејќи возев и низ неа и беше буквално бескрајна. Другата земја која би ја издвоил е Кина, бидејќи кога патував низ Јужна и Западна Кина беше многу разновидна и колоритна природа, во Јужна Кина, во провинцијата Јунан има разни етнички групи, имаше многу џунгла. Исто така бев и во Тибет, тибетската култура, планините таму кои беа доста високи, потоа имаше исто така пустина каде што живеат Ујгурите, така што навистина е разнолика Кина. Но како што кажав претходно, уживав во секоја земја, некаде поради луѓето, некаде поради храната итн.“

Која е највисоката точка која што ја помина со својот велосипед, бидејќи го спомна Тибет?

„Тоа беше во Кина, точно така на платото во Тибет каде што се највисоките планини и изнесуваше 4815 метри.“

Како беше прифатен низ светот, дали запозна други велосипедисти на твоето патување?

„Навистина не очекував дека ќе сретнам толку многу различни велосипедски клубови и здруженија низ разни земји. Случајно се сретнував со други велосипедисти и тие ми кажуваа дека се членови на одреден клуб, од одреден град, по што ги следев и се дружевме по еден или 2 дена. Тоа беше во некои земји, не во сите. За човек кој патува со велосипед низ светот како мене е особено убаво кога ќе сретнеш други велосипедисти кои што те советуваат по кој пат да одиш, или кои места да ги посетиш користејќи го велосипедот. Дефинитивно тоа е нешто што многу ми се допадна.“

Моментално си во Прилеп, која е твојата следна дестинација, кои земји ќе ги посетиш на патот кон дома?

„Следно одам во Битола, потоа ќе го прошетам Охридското Езеро, па Албанија, Црна Гора, од каде ќе треба да одберам или Хрватска или Босна и Херцеговина, се уште не сум сигурен, па Словенија и на крајот нормално Италија. Но и во Италија нема да се упатам директно кон Милано, сакам исто така и таму да посетам повеќе места пред да ја завршам целосно мојата авантура.“

Кој ќе биде вкупниот број на километри која ќе го завршиш твоето патување?

„Најверојатно околу 34.000 километри.“

Какво е чувството, се ближи крајот на твојата авантура?

„Секако сега сум во Европа и се чувствувам како да сум дома. И овде во Македонија поради културата и луѓето се чувствувам како да сум дома, апсолутно сум релаксиран, веќе нема потреба од брзање, сега е пролет така да природата, цвеќињата покрај патот, птиците, многу повеќе може да уживаш. Исто така бидејќи сум многу блиску до Италија, до мојот дом, искрено не очекував дека дома ќе пристигнам токму со велосипедот, бидејќи бев толку многу далеку и првично не ми беше таков планот. Но кога возев низ Австралија и Нов Зеланд, сакав исто така да ги посетам и Индонезија, да возам низ Малезија, Тајланд… чекор по чекор, и сега кога сум тука навистина сум возбуден и горд на мојот подвиг.“

Кои се твоите следни планови, можеби некоја нова ваква авантура?

„Следно, секако морам да поработам прво во Италија, да соберам средства, но следно би сакал да одам во Јапонија, можеби по една година, каде што ќе морам да работам, бидејќи тешко е да се добие друга виза за нас Италијанците за Јапонија, па ќе морам да работам. Потоа откако ќе соберам одредена планирана сума на средства сакам да возам со велосипед низ Јапонија, Јужна Корија, Тајван, можеби и источна Кина, така што сигурно ќе биде повторно низ Азија.“

Матиас во Прилеп беше пречекан од страна на здружението на велосипедисти „МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ“, кои што му го презентираа Прилеп, повозија заедно низ градот, по што се упатија кон манастирот „Свети Никола“ кај селото Прилепец, каде што му обезбедија престој за да ја помине ноќта, го нагостија со вкусна прилепска скара и обезбедија пакет со освежителни и енергетски производи потребни за продолжување на неговото патување.

Матиас, лесни педали, ветер во грб и ти посакуваме уште многу авантури на велосипед!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци