Најголемата ѕвезда на Македонија, чија публика немаше граници, вечно непрежалениот Тоше Проески, во понеделник, на 25. јануари, ќе го прославеше својот 40-ти роденден. Сеќавањето на човекот, кој остави неизбришлива трага со своите дела, човечки и музички, меѓу обожавателите и пријателите низ целиот регион и пошироко, не згаснува ниту денес. Ниту Хрватска не го заборава нашиот најголем музичар кој често гостуваше таму. Пребогатата ризница која ја остави зад себе ќе не потсетува на неговиот талент и неговата мисија за ширење на љубов и скромност.
„Засекогаш со нас и во нашите срца, 25. јануари, 40-ти роденден на Тоше Проески! Оваа година, ден пред неговиот 40ти роденден, во недела на 24. јануари, по Светата миса во капелата „Роков перивој“ во Загреб, почнувајќи од 10:00 часот, со молитва ќе се присетиме на единствениот, уникатен и непреболен Тоше Проески“, стои во објавата на хрватската дискографска куќа „Хит рекордс.“
„Освојуваше со прекрасна насмевка и глас, но пред се, го красеше скромност. Секогаш нагласуваше дека најважно е љубовта да биде она што треба да ги движи луѓето“ велат од „Хит Рекордс.“
Негов заштитен знак е познатиот израз „Ве сакам сите“ и засекогаш ќе остане запаметен како најголемото македонско духовно и материјално наследство. Вечна слава, голем човеку.
![](https://infokompas.com.mk/wp-content/uploads/2020/01/Matador-banner-300-149.jpg)