Здравствениот дом во Крушево ќе добие ехо апарат за прецизна дијагностика, со вредност од 49.624 евра, во рамките на Грант програмата за мали проекти за човекова сигурност (GGP). Оваа програма претставува еден од главните темели за соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија.
Денес во Скопје беше склучен Договор за грант од страна на јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара и директорката на Здравствениот дом Крушево, Александра Мијајлевска Стефановска.
„Грант програмата на мали проекти за човекова безбедност или GGP, која е еден од важните столбови за соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија“, беше посочено на церемонијата.
Од 1996 година, во рамките на оваа програма, Јапонија поддржа 186 проекти во областа на здравството, образованието и животната средина.
„Во рамки на иницијативата за соработка со Западен Балкан, Јапонија е силно посветена на поддршката на економскиот и социјалниот развој на Сецерна Македонија, што е неопходно за целосно интегрирање во ЕУ“, изјави амбасадорката Кавахара за време на свеченоста на потпишувањето на Договорот.

Таа додаде дека во здравствениот сектор во земјава Јапонија има донирано речиси 4 милиони евра за набавка на медицинска опрема и обнова на болници, придонесувајќи, како што нагласи, за подобрување на здравствените услуги во целата земја.
„Денеска, уште еднаш ја потврдуваме континуираната поддршка на народот на Јапонија за здравствениот сектор во Северна Македонија. Би сакала да ја искористам оваа можност да им оддадам длабока почит на сите лекари и целиот медицински персонал во оваа земја, вклучувајќи ја директорката на Здравствен дом Крушево, кои работат дење и ноќе за пациентите. Вашиот придонес е неизбежен и се надевам дека овој проект ќе биде успешен, а новиот апарат ќе придонесе за прецизна дијагноза и подобрување на медицинската грижа“, рече јапонската амбасадорка.
Мијајлевска Стефановска, изразувајќи благодарност за помошта, напомена дека Крушево е мала и не многу богата општина и дека оваа помош ќе биде од големо значење за работата на Здравствениот дом.
„Во нашиот Здравствен дом работиме со ограничени ресурси. Затоа оваа поддршка е од особено значење. Преку овој проект за набавка ќе добиеме современ ехо апарат кој ќе овозможи побрза и попрецизна дијагностика, подобра грижа за пациентите, како и значително унапредување на здравствените услуги што ги нуди локалната заедница. Овој проект не претставува само инвестиција во апаратура, туку и во здравјето на граѓаните на Крушево и околните населени места“, истакна таа.
Мијајлевска Стефановска верува дека со оваа поддршка ќе се придонесе за рано откривање на болести, навремено лекување и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Јапонија уште еднаш покажа дека е искрен пријател на нашата земја и на нашите граѓани. Длабоко сме благодарни за овој чин на солидарност и поддршка која ќе остане трајно запишана во развојот на нашата здравствена установа“, заврши директорката на крушевскиот Здравствен дом.
Свеченото потпишување на Договорот за грант со Здравствениот дом Крушево за проект за набавка на нов ехо апарат се одржа во просториите на јапонската Амбасада во Скопје.