Органски компост од отпадоци од кафе и храна. Ова е оригиналната идеја на сопствениците на кафулето „Млад турист“ од Ресен која сакаат да ја реализираат за брзо време и со тоа да придонесат во зачувување на животната средина во Преспа, а од друга страна би се добило еколошко ѓубриво за растенијата.
„Планираме целиот органски отпад што ќе останува од нашата кујна да го компостираме и повторно компостот да го употребуваме во нашите вертикални градини. Исто така инсталиравме фотоволтаици со кои планираме да придонесеме за поголемо енергетска ефикасност“, вели Елена Митановски од кафе барот „Млад турист“.
Одржливото управување со органскиот отпад не е непознато и за гигантите како „Агроплод“ – Ресен, која постои над 5 децении. Особено во делот на нивното земјоделство, овоштарство и живинарска фарма, бидејќи сите ресурси повторно се реупотребуваат во производството.
„Имаме живинарска фарма чиј отпад покрај тоа што се користи за биогасни централи, се враќа повторно во производството во делот на овоштарството и со тоа се намалува отпадот и повторно истите ресурси се враќаат во природата. Во делот на енергетиката користиме сончеви панели кои исто така придонесуваат за целокупното намалување на трошоците. И самите индустриски отпадни јаболка се користат повторно во производство во сокови и со партнерски и други фирми и целокупниот тој процес е затворен. Многу малку се влијае на животната средина. Користењето на водата е по систем „капка по капка“ кои се минимизирани до степен на крајна реупотребливост на истите во процесот на производство“, изјави Томе Петковски, управител на „Агроплод“ – Ресен.
Овој еколошки начин на управување со органскиот отпад придонесува и за производство на земјоделски производи кои се далеку поздрави за разлика од минатото кога се употребуваа огромни количини на хемиски препарати.
„За разлика од претходните традиционални и конвенционални системи на производство кои беа базирани на енормно користење на пестициди и разно разни прихрани кои со себе носат различен хемиски состав и ги оштетуваат почвите на подолг рок, овде целокупниот дел на поставеност на системот е комплетно различна со најголем дел на биоразградливи компоненти кои го продолжуваат животниот век и на почвите и на плодноста и на целокупната економија“, додаде Петковски.
Одржливото управување со отпадот од пестицидите и органскиот отпад беше темата и на втората средба на Општина Ресен со бизнис заедницата, која Еко герила Преспа ги организира во кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, со поддршка од програмата „ЕУ за Преспа“. На средбата, освен за предизвиците на земјоделските задруги, се зборуваше и за структурните решенија за овој вид отпад од страна и на создавачите и на управувачите. Учесниците велат дека е планирано да се воведат 2 нови системи во Преспа – за управување со отпадот од пакувањата на пестицидите и за повторно отворање на компостарата.
„Работиме на проект на прекуграничната соработка на возобновување на компостарата. Според временскиот план што го имаме зацртано, очекуваме кон крајот на 2027 компостарата веќе да функционира. Имаме доволно репроматеријал во нашава општина“, вели Марчел Русу, директор на ЈКП „Пролетер“ – Ресен.
„Ќе се набават 2 вида на опрема. Една опрема за рестартирање на компостарата и една мобилна опрема што ќе функционира на терен за децентрализирано компостирање, како што се практикува насекаде во Европа. А главното компостирање ќе биде централизирано на ресенската компостара. Бидејќи сега, согласно европските модели, имаме позитивна легислатива, ќе има систем на кауција. Тие што генерираат отпад ги задолжуваат тие под нив, каскадно. Значи увозникот го задолжува дистрибутерот, дистрибутерот земјоделските аптеки и секое пакување ќе биде евидентирано и ќе треба да биде враќано и соодветно управувано кај колективниот постапувач, не кај комуналните претпријатија, што ќе знае да управува со тој опасен отпад“, вели Љупчо Крстевски, поранешен директор на компостарата во Ресен.
Органскиот и отпадот од пестициди се најголемите загадувачи во Преспа како земјоделски крај, а со нивно правилно третирање овој регион би бил еден од најчистите.
„Отпадот од пестициди претставува една посебна приказна бидејќи се работи за отпад кој е опасен и кој мора да добие поинаков начин на третирање, не преку јавното комунално претпријатие „Пролетер“ туку преку постапувачи, што беше заклучок и на директорот на јавното комунално претпријатие и на земјоделските аптеки и на земјоделските здруженија и задруги. За органскиот отпад се донесе заклучок дека можеме да работиме на практики кои ќе бидат во насока на снабдување со таков вид на отпад на новата компостара, односно на рестартирање на постоечката компостара“, вели Марија Евтимовска од Еко герила Преспа.
2026-тата и 2027-мата година се планира да бидат клучен период за еколошки пресврт во Преспа и за конечно имплементирање на европските практики за одржливо управување со отпадот.
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС)во соработка со Инфо компасво рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската унија.