Клиниката „Жан Митрев“ започнува процес на реализација на неколкукратни донации наменети за Психијатриската болница во Демир Хисар, со цел подобрување на условите за престој и третман на пациентите во оваа здравствена установа.
Иницијативата за оваа хуманитарна акција произлезе од необична средба и лично пријателство меѓу д-р Жан Митрев и Горан Шундовски, социјален работник во Психијатриската болница, обединети околу заедницата во мисијата – хуманоста и поддршката за оние на кои им е најпотребна.



По упатената молба за поддршка, д-р Жан Митрев без ниту еден момент двоумење ја прифати иницијативата и веднаш започна со реализација на процесот на донирање, вели Шундовски.
„Понекогаш животот пишува сценарија што ниту самите не би можеле да ги замислиме. Возени од истата мисија – да им помагаме на луѓето, секој во својот домен, му се обратив на д-р Митрев со молба да подаде рака за нашата институција. Неговата брза реакција, огромна емпатија и несебичност се доказ дека кога луѓето се водени од вистински вредности, се раѓаат дела што го менуваат општеството на подобро. Неизмерно сум му благодарен за неговата големина и човечност“, истакна Горан Шундовски, социјален работник во Психијатриската болница – Демир Хисар.
Со оваа донација уште еднаш се потврдува важноста на општествената одговорност и поддршката меѓу здравствените работници и институции, со цел обезбедување подобри услови и подобар квалитет на живот за пациентите.

