Конвој на Противпожарната бригада на Град Скопје тргнува кон Мариово во помош при гаснењето на еден од најголемите и најризични пожари со кои во моментов се соочува Македонија.
„Во овие тешки мигови, кога огнената стихија се заканува на Мариово и на цели населени места, нашите херои повторно се таму каде што се најпотребни. На барање на директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, без двоумење и веднаш испраќаме помош! Кога гори македонска земја, нема граници, Има само една обврска – да бидеме заедно, да си помогнеме и да го заштитиме секој човечки живот, секој дом и секоја педа од нашата татковина. Овие луѓе одат директно пред огнената стихија, со храброст и со една цел да спасат животи, домови, шуми и цели села. Нивната униформа е симбол на пожртвуваност. Нивната храброст е гордост за Скопје и за цела Македонија“, напиша на својот ФБ профил, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.





