КСМ: Дали незаконското постапување на ИСОС ќе го остави стопанството без поднесени годишни сметки?

Facebook
Twitter
Email
Print

Комората на сметководители на Македонија (КС) е единствено активно коморно здружување на сметководствената бизнис заедница кај нас. Членството во комората е на комплетно доброволна основа и се базира на солидарност, јасно дефинирање па потоа застапување и заштита на интересите на фелата, унапредување на размената на знаења, воспоставување на добри деловни практики и издигнувањето на професијата на нивото кое го заслужува како “нервен систем” на целата економија, велат од КС на Македонија.

„Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) од друга страна е формиран согласно Законот за вршење на сметководствени работи (ЗВСР). Институтот има својство на правно лице со јавни овластувања. За жал, мора да констатираме дека актуелното раководство на ИСОС наместо да се залага за поголема правна сигурност на вршителите на сметководствени работи, унапредување на состојбите во фелата и развој на сметководствената професија со самоволни противзаконски дејствија направи вистински хаос кај колегите и тоа во екот на поднесок на годишните сметки.

  • Незаконското постапување на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) кое продолжува во континуитет изминативе години остави околу 3.500 колеги без право на потпишување годишни сметки во екот на сезоната на подготовка на овие извештаи. Имено, со кршење на одредби од Законот за вршење сметководствени работи, како и на одредбите на Правилниците кои самите ги донеле, ИСОС во целосно нетранспарентна постапка времено избриша огромен број на сметководители и овластени сметководители од регистрите. Со ова се доведува во прашање поднесувањето на годишните сметки на десетици илјади компании, што ќе има директен импакт и врз државниот буџет доколку не се изнајде законско решение за надминување на овој проблем.

  • Комората на сметководители денес оствари средба со Министерката за финансии, г-ѓа Гордана Димитриеска Кочоска, на која наидовме на целосно разбирање и залагање за решавање на проблемите. Од страна на Министерката беше истакната важноста на сметководствената фела и клучноста за соработка и интензивна комуникација со цел надминување на оваа ситуација.

  • Она што е сомнително во целокупното работење на Институтот е игнорантскиот однос на Советот за унапредување и развој на сметководствената професија, кој согласно ЗВСР треба да го надледува и контролира работењето на раководните органи, но наместо тоа делува во координација и го поддржува Институтот во сите спорни постапки и носење на противуставни и противзаконски акти.

  • Комората на сметководители уште еднаш апелира до претставниците во Собранието на ИСОС на утрешната седница да не се сведат на гласачка машинерија за туѓи интереси. ЗВСР е дециден во однос на носењето на одлуки од страна на членовите на подружниците, поради што се надеваме дека утре ќе преовлада разумот, моралот, чесноста, одговорноста и професионалноста“, стои во соопштението на КСМ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи