Пензискиот фонд не е во криза затоа што луѓето се пензионираат на 64 години, туку затоа што Македонија ги губи луѓето што треба да го полнат. Само што власта ги истроши политичките поени од линеарните покачувања на пензиите, на маса стигна и сметката: повисока старосна граница за пензионирање, повисоки придонеси и промена на начинот на усогласување на пензиите. Тоа се параметрите што ММФ сега ги посочува како можни мерки за одржливост на македонскиот пензиски систем, велат од Левица.
„ММФ може да препорачува, но ако утре работниците треба да работат повеќе години за да стигнат до пензија, тоа нема да биде одлука на ММФ, туку одлука на Владата што ја прифатила таа политика. Затоа уште сега треба да се спречи најлесното сценарио – политичките и економските промашувања повторно да ги плати човекот што живее од сопствениот труд.
Проблемот на ПИОМ не настана затоа што македонскиот работник премногу рано оди во пензија. Проблемот е што Македонија има сè помалку луѓе што уплаќаат во системот. Во 2024 година имало 556.294 осигуреници и 345.794 пензионери, односно само околу 1,6 осигуреници на еден пензионер, наспроти околу 1,86 пред осум години.
И наместо политиката конечно да се соочи со причината, повторно го таргетира последниот човек во синџирот – работникот. Младите заминуваат, работната сила се намалува, продуктивни луѓе ја создаваат својата иднина во други држави, а одговорот што ни се сервира е дека тие што останале треба да работат подолго и да плаќаат повеќе.
ММФ во својата анализа признава дека една од причините за проширувањето на пензискиот дефицит е токму пренасочувањето на дел од придонесите кон задолжителниот втор столб. Според нивната анализа, т.н. транзициски трошок од вториот столб достигнал околу 1,4% од БДП во 2024 година, додека вкупниот пензиски дефицит бил околу 3,5% од БДП.
Значи, пред некој да посегне по старосната граница и да му земе уште години живот на работникот, има многу посериозни прашања што мора да се отворат. Зошто милијарди денари од придонесите секоја година се одлеваат кон вториот столб, а дупката во првиот ја покрива Буџетот? Зошто товарот од еден систем конструиран со огромен транзициски трошок треба повторно да го плати работникот? И зошто најлесната “реформа“ секогаш почнува од неговиот џеб и неговиот работен век?
Левица е на став дека вториот пензиски столб треба да биде под јавна контрола, а акумулираниот капитал да се управува професионално и да се инвестира во интерес на сегашните и идните пензионери, наместо пензиската сигурност да биде пазар за приватен профит.
Но, ни тоа само по себе нема да биде доволно ако државата продолжи да губи работници. Најсериозната пензиска реформа не почнува со поместување на пензијата од 64 на 67 години. Почнува со плати од кои може да се живее, сигурни работни места, достапно домување, индустриска политика и држава од која млад човек нема потреба да бега.
ММФ во своите официјални анализи го наведува и високото иселување како еден од факторите што ја намалуваат работната сила, а проценува и дека растечките потреби за финансирање на пензискиот систем можат значително да го зголемат јавниот долг во наредните години.
Затоа власта нека не се осмелува утре да ни објаснува дека немало друг избор. Има избор. Само најлесно е да го натераш градежникот, текстилецот, медицинската сестра, возачот, работникот да остават уште три години од животот на работното место, наместо државата да признае дека со децении создава економија од која работниците бегаат“, стои во соопштението.