Лош извештај за Македонија од Брисел – нема напредок со уставните измени, судството под политичка опсада, многу корупција

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Македонија нема да биде вклучена во групата на четирите земји кандидати, покрај Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, кои ќе добијат патокази за членство. Македонија не само што нема да биде вклучена во групата на четири земји кандидати (покрај Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина) кои ќе добијат патокази за членство, туку  ќе добие и порака дека денес таа е далеку од рефлекторот на ЕУ.

„Не беа преземени обиди за усвојување на соодветните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Земјата се обврза да ги иницира и спроведе овие измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓаните кои живеат во рамките на државните граници и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“, стои во оценката на ЕК.

Во извештајот се повторува ставот дека „постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведат со добра волја од сите страни, вклучувајќи го и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, при што се забележува и на одбивањето на наши функционери да го користат уставното име на државата.

Иако уставните измени се директната пречка за да напредува Македонија, во извештајот има други покрупни забелешки кои, што е поважно, се провлекуваат со години, а главно ја прават „црна“ сликата со судството, борбата против корупцијата и демократијата.

„Мешањето во судовите останува сериозна грижа. Провокативните изјави на високи политичари во врска со плановите за „чистење“ на правосудството и обвинителството, вклучително и личните критики упатени кон судии и обвинители, претставуваат недозволено влијание и заплашување, со што се поткопува независноста на правосудството. Во ноември 2025 година, во еден досега незабележан потег, Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии излегоа со заедничка реакција на постојаните, неосновани јавни критики што доаѓаа од највисоките нивоа на власта. Во својата декларација, тие потсетија дека ваквите изјави го поткопуваат демократскиот принцип на поделба на власта и ја истакнаа потребата од почитување на независноста на судството. Во април 2026 година, Судскиот совет, исто така, упати апел до медиумите да се воздржат од неосновани напади и сензационалистичко известување за судиите, во отсуство на јасен и оправдан јавен интерес, со цел да се избегне поткопување на нивната независност“, стои во оценката на ЕК.

И годинава „црвен аларм“ има за измените на Кривичниот законик за кој се најавува со месеци дека ќе биде донесен нов до крајот на годинава, бидејќи тогаш истекува рокот од Рерформската агенда. И сега ЕК оценува дека корупцијата е распространета и претставува прашање за сериозна загриженост, а Кривичниот законик, ваков каков што е сега, не обезбедува казнивост.

„Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба, не ги отстрануваат негативните последици од измените направени во 2023 година. Повторно е воведена посебна одредба за злоупотреба на службената положба во јавните набавки, но со многу потесен опсег отколку во правната рамка што важеше пред 2023 година. Ова кривично дело опфаќа само два основи, што е премногу тесно за да се опфатат други сериозни процедурални манипулации за време на постапката за јавни набавки, па затоа опсегот треба да се прошири. Исто така, измените не го решаваат соодветно влијанието на промените од 2023 година врз застарувањето на кривичното гонење. Беа покренати различни истраги за корупција, кои се однесуваат на злоупотреба на јавни средства и други форми на корупција. Некои од истрагите резултираа со обвиненија, како на пример во случајот што го вклучува директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Поранешен заменик-премиер за кој беше издадена меѓународна потерница, се врати во земјата, беше ставен во домашен притвор и му се суди по обвиненија за корупција, злоупотреба на службената положба и прекршување на законите за јавни набавки. Сепак, сè уште постојат значителни системски предизвици во претворањето на истражните напори во конкретни резултати, особено во однос на ефикасните судски постапки и повратот на имот“, стои во оценката.

Европската комисија забележува дека „случаите на корупција на високо ниво продолжуваат да се соочуваат со одложувања и честопати достигнуваат рок на застарување, придонесувајќи за перцепцијата за неказнивост.

Спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер останува на незадоволително ниво, при што некои јавни институции, забележува ЕК, „ ги одбиваат барањата или го одложуваат обелоденувањето на информациите врз основа на произволни причини“.

Иако Македонија и годинава е пофалена за усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, стои дека таа треба да се „ справи со предизвиците поврзани со спроведувањето на рестриктивните мерки на ЕУ, вклучително и правниот временски јаз помеѓу усогласувањето и формалното стапување во сила“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци