МВР проверува фирми поврзани со финансирањето на претседателската кампања на ВМРО-ДПМНЕ

Facebook
Twitter
Email
Print

МВР го истражува финансирањето на кампањата на ВМРО ДПМНЕ, за последните претседателски избори. Полицијата влезе во повеќе оштетени фирми на кои ВМРО-ДПМНЕ не им платила за набавка на пропаганден материјал и за услуги за предизборната кампања за претседателските избори во април и мај 2019 година и им должи над 400.000 евра.

 

Една од фирмите, „Монт“ е на сестрата на Орце Камчев, осомничен во „Империја“ и главен сведок во предметот „Рекет“ против Катица Јанева и Бојан Јовановски.

 

Неофицијално, обвинителството е во предистражна постапка против должникот ВМРО-ДПМНЕ и не врши претрес кај фирмите, туку собира документација како доказ против осомниченото правно лице. Инспектори проверувале документи во фирмата „Монт“, и во уште две фирми – македонската „Полиестердеј“ и „Горфактори“ од Шпанија.

 

Од МВР ја потврдија информацијата, но и оттаму ги негираат информациите дека се вршело претрес во фирмите.

 

„Денеска Министерството за внатрешни работи по наредба од надлежниот суд и обвинител е влезено во неколку фирми, со цел да изврши контрола, проверка на сите факти и аргументи кои што се дадени во наредбата и тоа е работа на полицијата и полицијата ќе влегува во сите фирми и ќе спроведуваме постапки секаде каде што имаме сомнежи за криминал“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

 

Ревизорите пред неколку недели ги објавија извештаите за претседателските избори, а СДСМ обвини дека токму Камчев преку негови фирми ја финансирал претседателската кампања на ВМРО-ДПМНЕ, која партијата ја затворила со над 400.000 евра долг.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира