Мицкоски: Бараме процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила – ЕУ да се вклучи во разговорите со Бугарија

Facebook
Twitter
Email
Print
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Македонија ги исполнува обврските – време е Европа да обезбеди фер процес без нови условувања, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на заедничката прес – конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Мицкоски кажа дека денешната средба со фон дер Лајен била отворена, содржајна и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат нашата европска иднина.

„Разговаравме за реформите, за динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат нашиот пат кон Европската Унија. Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета. Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел. Истовремено, веруваме и дека дојде време овој процес да добие посилна политичка поддршка од европските институции. Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна. Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила“, рече Мицкоски.

Мицкоски со Фон дер Лајен разговарал и за односите со Бугарија и побарал од ЕУ да се вклучи во разговорите меѓу Македонија и Бугарија и да помогне во создавањето услови за одржливо европско решение, во кое договореното ќе биде јасно, а обврските ќе важат за сите.

„Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со заемно почитување. На денешната средба зборувавме и за тоа дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес, но не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување повторно да не биде отворен за нови билатерални условувања“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека секое решение, според него, треба да создаде сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања или дополнителни барања.

Мицкоски нагласи дека европскиот пат не се сведува само на политичките прашања што го оптоваруваат процесот, туку дека најголемиот дел од работата се одвива во земјата – во институциите, економијата и подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните.

„Продолжуваме со реформите во владеењето на правото, јавната администрација, подобрувањето на деловната клима, дигитализацијата и реформите во образованието. Реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе создава конкретни резултати и сакаме оваа динамика да продолжи. Европската комисија оваа година позитивно ги оцени спроведените реформи, што овозможи натамошно користење средства од Планот за раст“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека е особено важно граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од европската интеграција и пред формалното членство, преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите.

„Токму затоа ја гледаме постепената интеграција како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна. Планот за раст е поставен токму врз оваа логика: постепено приближување кон единствениот пазар, забрзување на реформите и економска конвергенција со Унијата. Коридорот 8 е добар пример за тоа како европската интеграција изгледа кога од политичка цел се претвора во патишта, железници, трговија и поврзаност меѓу луѓето. Нашата амбиција е јасна – додека разговараме за членството, дома да изградиме држава која според своите институции, стандарди и економски можности веќе функционира како европска држава“, додаде премиерот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци