Вчера во Завод и музеј Прилеп беше промовирана книгата „Археолошки комплекс Старо Бонче“ на авторите проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, проф. д-р Антонио Јакимовски од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје и Душко Темелкоски, кустос-советник во НУ Завод и Музеј – Прилеп, која што претставува сублимат на резултатите од 20-годишните истражувања на односниот простор помеѓу двете прилепски села Бонче и Подмол.
Една од главните претпоставки на истражувачите е дека на овој простор се наоѓал античкиот град Пелагонија, кој бил центар на кралството на Пелагонците пред повеќе од 24 века.
„При истражувањата откривме 15 нови локалитети. Целосно ја истраживме кралската гробница и со професорот Витор Лилчиќ Адамс дадовме претпоатавка дека тука се наоѓа античкиот град Пелагонија. Следна наша идеја е археолошкиот локалитет да го ставиме во туристичка функција. Најавено е дека ќе се направи пат и во иднина да биде туристичка атракција и за Прилеп и за Македонија“, вели професорот Антонио Јакимовски.
Секако, најрепрезентативна е монументалната гробница од т.н. „македонски тип“ на локацијата позната како Павла Чука – единствена од тој тип кај нас – која ги има трите архитектонски градежни делови: ходник (дромос), преткомора и комора во којашто биле положени посмртните останки на погребаниот покојник и гробните дарови за него. Професорот Виктор Лилчиќ Адамс ја раскажува приказната за античкото кралство на Пелагонците и за посебната кралска гробница.
„Во северниот дел на Пелагонија, во раната антика егзистирало едно кралство со крал на чело што е потврдено со еден натпис од Атина. Кралството било со околу 15 до 20 градови. Зборуваме за класичен, архајски период до македонскиот период од 3-2 век пред нашата ера. Не бевме сигурни кој бил најголемиот град, центарот на кралството на македонските Пелагонци: Дали биле Марковите Кули со долниот дел на Варош, или, пак, Висока со Старо Бонче. Значи, на Висока била акрополата, а во Старо Бонче, долниот град. Ова, Висока со Старо Бонче е нашиот фаворит за главниот град на кралството. Кралската гробница во Бонче е со посебни карактеристики, од 4 век е пред нашата ера, со влезен коридор и комора. Наодите упатија дека тоа го градела некоја кралска величина и би можел да биде кралот на Пелагонците. Добро е да се добијат поголеми средства и да се откријат објектите од долниот град кој не сме ниту почнале да го откопуваме и да го истражуваме“, објаснува Лилчиќ Адамс.
Најепохалното откритие од Старо Бонче се трите штитови со централно сонце на нив и седум помали, радијално распоредени сонца околу него, единствени од таков вид откриени во Македонија.
„Во комплексот Старо Бонче се отриени остатоци од три штитови на кои го пишува името на македонскиот крал Деметриј Први кој владеел во почетокот на 3 век пред нашата ера. Тоа покажува дека тој град што лежи на тој огромен простор бил значаен и Пелагонците во тоа време имале значајна улога во Македонија. За првпат се откриени во Македонија од овој тип на штитови со централно сонце што е поттик за нови истражувања“, вели археологот Душко Темелкоски, еден од авторите на првата монографија за археолошкиот локалитет Старо Бонче кај Прилеп.
Издавањето на книгата е со поддршка од Општина Прилеп, додека истражувањата континуирано продолжуваат и наредната година во рамките на проектната програма на Министерството за култура и туризам, а во кореализација на Катедрата за археологија од Филозофскиот факултет – Скопје и НУ Завод и Музеј – Прилеп.