Најмалку 12 лица, меѓу кои и заменик на шерифот, се убиени во пукањето во барот во Калифорнија, соопштија локалните власти, истакнувајќи дека напаѓачот е мртов.
Полициски претставници објавија дека телото на напаѓачот е во барот, но не открија повеќе детали. Неговиот идентитет засега не е познат, ниту кои се мотивите за нападот.
Во кантри барот „Бордерлајн“ во моментот на нападот имало стотина луѓе, а пукањето траело и кога дошла полицијата. Напаѓачот испукал десетици куршуми со полуавтоматско оружје и полицијата верува дека потоа се самоубил. Властите кажаа дека има и најмалку десет повредени.
„Бев на подиумот кога слушнав истрели. Настана огромна паника и луѓето паѓаа едни врз други“, кажа еден од присутните гости.
За сега е познато дека непознат маж синоќа во бар во местото Таузенд Оукс, на околу 60 километри западно од Лос Анџелес и со околу 130.000 жители, прво испукал неколку куршуми, потоа фрлил димни бомби, па продолжил да пука.
На сајтот на барот за среда вечер е најавена студентска вечер и часови по кантри танц. Сведоци изјавиле дека во барот повеќето биле студенти, дека ситуацијата била хаотична и оти луѓето почнале да скокаат од прозорци.
Властите ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа.