НУЦК „Марко Цепенков“: Предавање и концерт на македонска духовна музика на 25 мај во 20 часот


Вторник, 25 мај со почеток од 20 часот ќе се одржи предавање и концерт на македонска духовна музика на летната сцена на НУЦК „Марко Цепенков“.

„Предавањето на протопсалт м-р Гоце Секулоски е од областа на естетиката на музиката, со акцент на православната химнографија од периодот на неделите пред и за време на Великиот Пост.

Накратко и во општ опфат ќе бидат разгледани теми од областа на црковната музика, историски развој, философско-духовен етос на мелосот, осумте гласа (Осмогласникот), со посебен акцент на химнографијата и мелодиската „обоеност“ на богослужбените текстови од Пасхалниот период. Концертот на македонска духовна музика “Песнопенија за Страдањата Христови“ е музичка изведба од лирски карактер на неколку композиции посветени на Страсната Седмица, кои ќе се надоврзат на предавањето и ќе понудат музички контекст на темите опфатени од истото. Во краткиот концерт влегуваат следните композиции:

„Денес виси на дрво“, „Живот си, Христе“, “Достојно е, Животодавче“, „Народите сите“ и „Христос воскресе“. Учесници: протопсалт м-р Гоце Секулоски – предавач, Aна Митоска – вокал, Петар Христов – кларинет, Дарко Фурнаџиски – ребаб, Кристијан Кожумановски – контрабас и Горан Дукоски – лаута.

Времетраење на предавањето и концертот: 60 – 70 мин“, стои во соопштението од НУЦК „Марко Цепенков“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира