Опозициска иницијатива за свикување надзорна расправа во Собранието за проблемот со аерозагадувањето

Facebook
Twitter
Email
Print

Пратеници на опозициските партии СДСМ и Левица покренуваат иницијатива за свикување Надзорна расправа во рамки на Собранието, на која би се расправало за мерките и активностите што би се спровеле во насока на подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот.

Како што посочи пред медиумите пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ, таа иницијатива произлегува од како што рече, поразителните резултати за квалитетот на воздухот.

„Зачувувањето на животната средина е една темелна вредност којашто е загарантирана со Уставот, а е дел од корупусот социјални, економски и културни права на граѓаните, а нè тангира и сите нас поединечно и сите нас заедно. Токму затоа сметам дека одговорноста пред сè на пратениците во овој дел e заеднички да седнеме и да разговараме за решенија. Врз основа на тие решенија што ќе ги изнајдеме да произлезат активности коишто ќе допринесат за зачувувањето на животната средина“, истакна Спасовски.

Пратеникот Борислав Крмов потенцираше дека за првпат се свикува ваква надзорна расправа со потпис од 15 пратеници, заедно со дел од пратеничката група на СДСМ.

„Еден од најпоразителните податоци е тоа дека 11,6% од новороденчињата умираат заради загаден воздух, односно секое деветто бебе. Затоа ја свикавме оваа надзорна расправа. Треба да видиме како се спроведуваат политиките за заштита на воздухот, како се извршуваат законите, и што понатаму треба да преземат надлежните одргани за ова горливо прашање“, заклучи Крмов од Левица.

Надзорната расправа ќе се спроведе на собраниската Анкетна комисија со која претседава лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи