Општина Прилеп започна циклус на средби со граѓаните од сите урбани и месни заедници, со цел непосредно да ги слушне нивните потреби, проблеми, идеи и предлози и да ги вклучи во креирањето на развојниот буџет за 2027 година. Станува збор за отворен и транспарентен процес, во кој сите жители на општината ќе имаат можност да ги претстават своите предлози пред претставниците на локалната самоуправа и да посочат кои проекти и активности се најпотребни во нивните населби, маала и населени места, стои во реакцијата на Општина Прилеп за соопштението на ОО СДСМ Прилеп за средбите со граѓани поврзани со креаирањето на општинскиот буџет.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
„Поканата за учество беше упатена јавно, преку медиумите, општинските канали за комуникација како и директно до трите урбани заедници со кои започнавме вчера, со цел граѓаните непосредно да се вклучат во утврдувањето на локалните приоритети.
Затоа, Општина Прилеп ги отфрла несериозните обиди на СДСМ овој процес да го претстави како партиски настан. Средбите се организираат за граѓаните, а не за политичките партии, и нивната цел е јасна, при планирањето на општинскиот буџет да се слушнат реалните потреби на граѓаните и да се утврдат приоритетите за подобри услови за живот во секој дел од општината.
Жителите на Прилеп имаат различни политички погледи и определби, но сите имаат еднакво право нивниот глас да биде слушнат. Буџетот на Општина Прилеп треба да одговори на реалните потреби на граѓаните, а не на партиските интереси. Затоа, дискусијата за локалните приоритети треба да се води преку аргументи, конкретни предлози и решенија, а не преку политички етикети и дисквалификации.
Сметаме дека секоја иницијатива што ги вклучува граѓаните во креирањето на локалните политики треба да се поттикнува и унапредува, а не однапред да се прогласува за неуспешна и да се осудува. Наместо да се обесхрабрува учеството на граѓаните, потребно е да се охрабруваат нивните предлози, идеи и иницијативи. Вредноста на овој процес е токму во можноста да се слушнат различни мислења, да се препознаат најважните проблеми и да се утврдат приоритетите за следната година.
Процесот ќе продолжи со средби во сите урбани и месни заедници, како и со невладините организации, бизнис-секторот и сите останати чинители во општествениот живот во општината. Сите пристигнати предлози ќе бидат разгледани во рамките на реалните можности, утврдените приоритети и законските процедури за подготовка на Буџетот за 2027 година.
Општина Прилеп останува посветена на транспарентното работење, непосредната комуникација со граѓаните и планирањето на развојот врз основа на нивните потреби.
Буџетот е на граѓаните, а нивните потреби се наш приоритет.
Продолжуваме да разговараме со граѓаните и да ги слушаме нивните предлози за развојот на Прилеп“, стои во реакцијата.