Ниту еден службеник ниту помогнал ниту пак учествувал во организацијата на бегството на осудениот екс премиер Никола Груевски, соопшти обвинителството за организиран криминал и корупција по речиси три месеци од неговото бегство.
„Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“, се вели во соопштението.
Во соопштението од ОЈО се наведува дека анализирале листинзи од вкупно 60 телефонски броеви од лица кои биле поврзани или за кои постоело сомнение дека комуницирале со осудениот во критичниот период. Сослушале вкупно 56 лица, од кои 28 полициски службеници од граничните премини, шестмина членови на обезбедувањето на Груевски, пет службени лица од Министерството за внатрешни работи и 17 други лица.
Утврдено е дека во септември 2018 година, на ист датум од три различни банки, Груевски подигнал околу 120 илјади евра од сопствени сметки, за што банките пријавиле до Управата за финансиско разузнавање и до СЈО.
Пред неколку дена осудениот екс премиер во телевизиско интервју од Будимпешта не откривајќи кој му помогна да избега им порача на домашните власти сами да откријат.