Групи пензионери од различни делови на државата денеска се собраа пред Уставниот суд во Скопје, изразувајќи го својот став дека моделот на линеарно зголемување на пензиите мора да се задржи. Според нив, токму овој принцип обезбедува поголема правичност за оние со најниски примања.
Од пред Уставниот суд, Зоран Трајков, претседател на иницијативниот одбор на групата пензионери кои се залагаат за линеарно покачување на пензиите, им порача да се запрашаат „каде е грижата за пензионерите со мали пензии” и дека за тоа треба некој да поведе грижа.
„Нашата борба е за сите идни пензионери, за корка леб и лекови. Не го зборуваме ова против власта. Ова го зборуваме за Македонија еднаш да биде обединета. Доста е со поделби. Не за џабе викаат ситиот не му верува на гладниот. Нашиот глас допрва ќе биде чуен“, изјави Трајков.
Тој додаде дека протестите нема да запрат тука и најави дека следната нивна локација ќе биде Канцеларијата на Европската Унија на 10 декември.
„За првпат се крева гласот на пензионерите. Досега беше со процентуално зголемување на пензиите од 600- 700 денари. Ќе немаме за леб, ако се случи да биде процентуално. Јазот меѓу најголемата и најмалата пензија беше 1 према 4, сега е 1 према 7 и само ќе се зголемува. Доста е пензионерите да бидат поделени“, посочи Трајков.
Пензионерите порачаа дека ќе продолжат со своите активности сè додека, како што велат, не се обезбеди фер и одржлива формула за зголемување на пензиите.