Непознати сторители во петокот вечерта повторно ги искршиле прозорциите и ја играбиле црквата Свети Никола во селото Дабница кај Прилеп. Украдени биле круните за венчавање, кандила, кадилници и други помали предмети кои се употребуваат во богослужбите. Крадците го скршиле прозорецот од олтарот и така влегле во црквата.
Инаку овој ПВЦ прозорец беше донација откако претходно, пред само 3 месеци, истиот метален прозорец од олтарот, во месец април беше откорнат од страна на крадците при што украден беше самиот прозорец, метални предмети и пари кои биле во храмот. Освен црквата крадците тогаш ја уништија и трпезаријата, го искршија фрижидерот, а од таму ги украдоа и сите лажици, виљушки, ножеви и чаши. Украдено беше металното лавабо, како и металните плочи од големиот шпорет за готвење а искршена и украдена беше и влезната метална врата на една помошна просторија до трпезаријата.
Жителите на Дабница повторно апелираат од надлежните органи да има почести полициски контроли во овој крај и да се најдат и казнат сторителите.