
Во текот на вчерашниот ден избувна пожар на крушевската депонија кој предизвика голема загриженост за жителите на овој град. Во решавање на овој проблем е вклучена целата механизација со која располага општината и комуналното претпријатие. Во моментов состојбата е под контрола, но чадот и непријатниот мирис се уште може да се почувствуваат и во поширокиот регион.
„Свесни сме за сериозноста на ситуацијата, последиците по животната средина и здравјето на граѓаните и Ви уверуваме дека веќе се преземаат сите потребни мерки. Првичните анализи укажуваат дека пожарот бил предизвикан од високи температури во комбинација со несоодветно складиран отпад и самозапалување на гасови. Апелирам до граѓаните да избегнуваат движење во близина на депонијата и да ги затвораат прозорците додека трае интервенцијата. Овој инцидент уште еднаш ја потенцира итната потреба од системско решавање на проблемот со дивите депонии. Општината веќе работи на план за целосна санација на ваквите локации и имплементација на одржливи решенија за управување со отпадот. Ќе продолжиме со транспарентно информирање на јавноста и преземање на сите неопходни мерки за заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните.
Во наредните денови:
- Ќе се обезбеди дополнителна заштита на депонијата за спречување нови пожари.
- Ќе започнеме со итно покривање на ризичните зони.
- Ќе ја интензивираме соработката со централната власт и меѓународни партнери за трајно решавање на проблемот со депонирање
“, вели во своето соопштение, градоначалникот на Крушево, Томе Христоски.