„Порти кон бескрајот“ – изложба на Илија Кочоски, човекот што тивко го обликуваше Прилеп

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Од некогашната фонтана „Кај волната“ (каде што е денес фонтаната на Итар Пејо), па сè до препознатливата фонтана „Раце“ кај хотел „Скопје“, многу од обележјата на Прилеп носат негов потпис.

На 11 јули, во 20:00 часот, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, ќе биде отворена изложбата „Порти кон бескрајот“ – третата самостојна изложба на прилепскиот архитект и уметник Илија Кочоски, личност која децении наназад твори тивко, но оставила силен белег врз јавниот простор на Прилеп.

Изложбата е поделена во два целини, поврзани според мотивите. Првиот дел е составен од 13 слики, од кои 12 реферираат на бројот на апостолите, а тринаесеттата – насловена „Коловрт“ – го претставува Исус Христос. Инспирирани од Тајната вечера, овие дела користат богата палета и материјали со длабока симболика: бакарна фолија (како куполите на балканските цркви), сребрена боја (како старите тави и тепсии), дрвени резби и позлатени клинци – препознатливи елементи од македонските порти и црковната уметност.

Вториот дел содржи седум дела кои, како што вели самиот уметник, се обидуваат да го отворат прашањето за божественоста на човекот, за просторот, времето и еволуцијата. Тоа се слики што не опишуваат реалност – туку предизвикуваат немир, интроспектива, прашања.

„Овие слики не се насликани за да ја слават убавината на природата – за тоа постојат фотоапарати и други изразни средства… Овие слики треба да внесат немир во душата, да го натераат гледачот да размислува… да створи вруток – коловрт од прашања“, вели Илија Кочоски

Создадени во периодот 2013–2014, делата не се изложени досега и за првпат се прикажуваат во јавност. Уметничкиот свет на Кочоски излегува од тишината – и носи во себе нешто древно, нешто духовно, нешто што личи на обид човекот да се доближи до недофатливото.

Како што самото име на изложбата најавува – ова се порти, отворени кон бескрајот во свет на визија, симболика и вечни прашања.

Илија Кочоски е роден во 1950 година во Прилеп. Образованието го стекнува на Архитектонскиот факултет во Скопје, а уметничката основа ја гради и преку лични патувања низ музеите и галериите во Италија и Франција. Работниот век го поминал како архитект инженер во Мермерениот комбинат во Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми