Организациите на работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) денеска во Владата ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека спроведувањето на програмата треба да обезбеди економски раст што ќе го почувствуваат граѓаните, преку подобар животен стандард, нови инвестиции и добро платени работни места.
„Нашата цел е јасна: да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот“, истакна Мицкоски на свеченоста по повод потпишувањето.
Според премиерот, меѓу главните предизвици со кои се соочува државата се недостигот од квалификувана работна сила, иселувањето на младите, недоволната продуктивност и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на стопанството. Мицкоски нагласи дека целта е да се создаде економија во која инвестициите ќе отвораат квалитетни работни места, а придобивките од растот ќе се одразуваат врз секојдневниот живот на граѓаните. Тој оцени дека успешните компании и заштитените работници не се спротивставени цели, туку предуслови за силна економија.
„Сакаме повеќе инвестиции, но инвестиции кои создаваат квалитетни и доброплатени работни места. Сакаме успешни компании, затоа што без успешни компании нема силна економија. Но истовремено сакаме и задоволни, заштитени и мотивирани работници“, рече премиерот.
Програмата, исто така, ги поврзува реформите на пазарот на трудот со пошироката агенда на земјата за одржлив развој и со целите за европска интеграција.
„Со потпишувањето на Националната програма за достоинствена работа 2026–2030, ја потврдуваме нашата определба за создавање поквалитетни, подобро платени и посигурни работни места. Нашите приоритети се унапредување на работничките права, развој на вештините според потребите на пазарот на трудот, поголемо вклучување на младите и жените и намалување на неформалната економија. Во партнерство со Меѓународната организација на трудот и социјалните партнери, продолжуваме со реформите за подобри услови за работа и посилна економија“, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Успехот на оваа програма ќе се мери преку конкретните подобрувања што ќе ги почувствуваат работниците и компаниите.
„Преку заедничка посветеност и заложба може да изградиме поинклузивен, попродуктивен и поотпорен пазар на трудот. Со заедничка работа можеме да создадеме квалитетни работни места, да ги зајакнеме институциите на пазарот на трудот, да го поддржиме развојот на одржливи претпријатија и да ги оствариме фундаменталните принципи и права при работа“, изјави Клер Харасти, директорка на МОТ за Централна и Источна Европа.
Со потпишувањето на Националната програма, потписниците ја потврдија заложбата за инклузивен економски раст, попродуктивни работни места и посилни институции на пазарот на трудот.