Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп – Дејан Проданоски, Билјана Кузманоска и Петар Ристески на средба со министерот за земјоделие Цветан Трипуновски разговараа за предложенитее измени и дополнувања на Законот за тутун, да не може да се увезува ситнолисен, ориентален тутун додека не се откупи нашето домашно производство.
Како што истакнаа на средбата со министерот Трипуновски разговарале за состојбите во земјоделството, можностите за унапредување на секторот, како и реализација на предизборните ветувања, односно измените на Законот за тутун и производи од тутун со кои се предвидува забрана за увоз на ситнолисен, ориентален тутун додека не се откупи и последниот лист тутун од домашното производство.

Пратеничката Кузманоска на својот Фејсбук профил објави дека средбата со министерот била конструктивна, а целта е сигурен откуп, фер цени за тутунарите.
„Разговаравме за тековните предизвици во земјоделскиот сектор, а посебен акцент ставивме на измените на Законот за тутун и производи од тутун . Нашата цел е јасна, подобри услови за тутунопроизводителите, сигурен откуп, фер цени и јасни правила за сите! Како пратеници од Прилеп гласно и одговорно ги пренесуваме барањата на граѓаните. Оваа средба е само уште еден чекор во нашата постојана заложба за посилно и поуспешно македонско земјоделство“, напиша Кузманоска на својот Фејсбук профил.