Околу 6 проценти од домаќинствата во земјата, или приближно 34.900 домаќинства, живеат во повеќедимензионална сиромаштија, покажуваат резултатите од најновото истражување спроведено од Филoзофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Истражувањето ја мери повеќедимензионалната сиромаштија во сите 80 општини и 8 плански региони во земјата преку 12 индикатори, од кои 7 мерат социо-економски лишености (ниско образование, рано напуштање на образованието, невработеност на младите, несоодветни санитарни услови, дотраени домови, недостиг на греење и недостиг на вода од водовод), а 5 мерат оддалеченост од основно и средно училиште, здравствена установа, болница и зелена површина.
Најголема повеќедимензионална сиромаштија има во Југоисточниот регион (10,3%), а потоа во Вардарскиот (9,0%) и Североисточниот регион (8,9%). Скопскиот регион има најниска стапка (2,3%), или речиси четири и пол пати помалку од Југоисточниот.
Разликите меѓу општините се многу поголеми од националниот просек. Во Чашка повеќе од две третини од домаќинствата се повеќедимензионално сиромашни (71%), а следат Старо Нагоричане (66%), Конче (58%), Могила (56%) и Новаци (49%).
Резултатите покажуваат дека повеќедимензионалната сиромаштија е најизразена во малите и оддалечени општини, каде што големата оддалеченост од училиштата и здравствените услуги често се јавува заедно со ниско образовно ниво. Поради тоа, социјалните и развојните политики треба да се насочуваат кон конкретните општини и видови на лишеност, а не само кон националните просеци, велат од Филозофскиот факултет кој наодите од истражувањето ќе ги презентира на дводневната меѓународна научна конференција „Повеќедимензионална сиромаштија: мерење, трендови и предизвици“ што почнува денес.