Речиси целата територија на Македонија, со исклучок на највисоките делови на Шара, од денеска се наоѓа во зона на висок метеоролошки индекс за опасност од пожари, покажуваат најновите податоци од Македонскиот информациски систем за шумски пожари (МКФФИС).
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамет Али, предупредува дека иако во моментов нема зони со екстремно висок индекс, сепак постои реален и сериозен ризик од појава на нови пожари на отворен простор, како и од разгорување на шумски пожари со висок интензитет ширум државата.
„Во услови на високи температури и зголемена опасност од пожари, апелирам до граѓаните на особена внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа. Секое невнимателно постапување може да предизвика пожар кој, во вакви временски услови, може многу брзо да се прошири и да зафати поголема површина“, истакна Али.
Според информациите од ЦУК, денеска до 13 часот се регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор.
Активни се три пожари, и тоа во општина Штип кај селото Лакавица, во општина Македонски Брод кај селото Драгов Дол и во општина Неготино кај воениот полигон „Криволак“. На овие локации горат ниска вегетација, сува трева, нискостеблеста шума и грмушки.
Од ЦУК додаваат дека два пожари се под контрола, и тоа во општините Крива Паланка и во Делчево, каде што горат депонии.
Целосно изгаснати се два пожари во општина Новаци на патот пред РЕК „Битола“ и во општина Велес.