Раст од 2,6 проценти на македонската економија годинава, од 2,7 во 2026, а од 2,8 проценти во 2027 година, прогнозира Светска банка во денеска објавениот Редовен економски извештај за Западен Балкан.
Според извештајот на Светската банка, македонската економија ќе расте најбавно во регионот. Најголем раст се очекува во Косово од 3,8 отсто, по што следува Србија со 3,5 отсто. Просечниот раст во регионот е проценет на 3,2 проценти.

Американското зголемување на царините и несигурноста индиректно ќе влијаат врз македонската економија. Долгорочните проекции се ограничени од ниската продуктивност, неефикасната распределба на капиталот, слабата надворешна побарувачка и потрошувачката притисната од инфлацијата, стои во Извештајот.
„Изгледите за раст на Северна Македонија се тесно поврзани со забрзувањето на пристапните преговори со ЕУ и со посилните реформски напори за поддршка на структурната трансформација на економијата. Напредувањето во планот за реформи за ЕУ, вклучувајќи ги целите за зелена транзиција, е критично за поттикнување на одржливиот раст на среден до долг рок“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.
Во извештајотсе наведува дека економскиот раст во Западен Балкан се проектира малку да забави во 2025 година како последица на послабата надворешна побарувачка и економската несигурност која произлегува од менувањето на глобалните трговски политики што би можело негативно да влијае врз бизнисите и довербата на потрошувачите.