Изјавата на министерот за здравство, Арбен Таравари, дадена при неговата денешна посета на прилепската болница „Борка Талески“ е потврда на она коешто Општинската организација на СДСМ – Прилеп неодамна го кажа на прес-конференција: дека отпуштањето од работа на 120-те вработени во прилепската болница, е направено со умисла од актуелната власт и е во насока на вработување партиски војници на партиите од владината коалиција!

„Впрочем, изјавата на Таравари дека болницата во Прилеп наскоро ќе распише конкурс на кој, како што рече министерот „директорот ќе има ексклузивно право да вработи 10%, 20% или неколку од неодамна отпуштените 120 вработени“, е најава за груба партизација на оваа здравствена институција.
Со тоа паѓа во вода тврдењето на надлежните од прилепската болница, дека довчерашните 120 вработени со Договор на дело останале без работа бидејќи државата не дала согласност за нови вработувања!
Уште еднаш потсетуваме дека пред точно една година, на 13.02.2024 година, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими испрати Известување до Фондот за здравствено осигурување, дека во буџетот на Општата болница со проширена дејност – Прилеп, за фискалната 2024 година обезбедени се финансиски средства за вработување на 79 лица.
Но, и покрај обезбедените средства, и покрај ветувањето на Таравари дека, цитираме „до крајот на 2024 година ќе биде објавен конкурс во кој што ќе бидат примени на работа над 1.000 лица средномедицински персонал“, на првата седница одржана на 28.06.2024 година, Владата на Мицкоски усвои заклучоци со кои ГИ ЗАПРЕ ПОСТАПКИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ, распишани во периодот до 14.02.2024 година.
Ова е вистината, се’ друго е чиста манипулација на тандемот Таравари – Мицкоски.
Меѓутоа, ништо друго и не може да се очекува од Арбен Таравари, човекот за кого менувањето на државниот грб и исфрлањето на зборовите од македонската химна, се од приоритетно значење во однос на економијата, стандардот на граѓаните, повисоките плати, борбата со корупцијата и евроинтеграциите“, велат во соопштението од СДСМ Прилеп.