Семејствата на настраданите во пожарот на импровизираната дискотека „Пулс“, утре (вторник) организираат протестен марш во Скопје под името „Марш за ангелите“ со почеток во 12:05 часот, време кое симболизира задоцнета реакција. Маршот ќе започне во 12:05 часот пред Јавното обвинителство, ќе продолжи кон градскиот плоштад, а ќе заврши пред Собранието.
Родителите на младите кои загинаа во трагедијата, на последниот нивни марш во Кочани, во саботата на 26 април, обвинија дека се соочуваат со притисоци и закани за апсење и побараа одговорност од министерот за внатрешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност, како и од обвинителството.

По тој повод Јавното обвинителство ги поканува на средба претставниците на семејствата кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка.
„Доколку кај блиските на жртвите постои таков интерес, тие можат да определат свои претставници (најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите) кои ќе остварат средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и обвинителите кои постапуваат во предметите“, велат од ОЈО.
Во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година загинаа 62 лица, меѓу кои шест малолетници, а околу 200 беа повредени. Според истрагата, пожарот настанал од искри од пиротехнички средства што го запалиле таванот во преполнетиот локал. Досега се осомничени 68 лица.