Новата школска година во Македонија започнува со 433 паралелки и преку 3.000 првачиња помалку, поради што се врши оптимизација на паралелките, а резултатот е затворање на 26 подрачни училишта. Инаку во земјава има 148 празни училишта.
За 14.500 првачиња ова ќе биде прва средба со училишните клупи. Има вкупно 174.000 основци и 64.000 средношколци.
„Бројката на првачиња не е конечна, бидејќи дополнителното запишување ќе трае до крајот на септември“, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска, додавајќи и дека, по завршување на уписите, се очекува да има најмалку 3.000 првачиња помалку во однос на лани.
Намалувањето на бројот на учениците ќе се одрази и врз организацијата на наставата. Поради недостиг на ученици, времено се затвораат 26 подрачни училишта, а со оптимизацијата на мрежата укинати се 433 паралелки. Во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти низ државата годинава е воведена и едносменска настава.
„Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава – 222 во основното образование и 211 во средното“, рече министерката, тврдејќи дека ниеден редовно вработен наставник не е отпуштен“, рече Јаневска.
За поддршка на учениците со посебни образовни потреби, обезбедени се:
- 1.358 образовни асистенти во основните училишта.
- 166 образовни асистенти во средните училишта.
Според Јаневска, годинава се набавени 622.000 учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да го презела Министерството за образование.
Таа додаде дека целосно нови учебници се набавени за прво, второ и трето одделение, за осмо одделение, како и за втора година во гимназиското образование.