ССМ со протест за 1 Мај – не е време за скара и пиво, туку за борба за работнички права

Сојузот на синдикати на Македонија ги повика работниците на масовни протести на 1 Мај, со цел да се изборат за минимална плата од 500 и зголемување на сите плати во државава за 100 евра. Лидерот на Синдикатот Слободан Трендафилов вели дека времето за скара и пиво на овој ден завршило и дека масовноста е клучна бидејќи во моментов сите се против ССМ и работниците.

„Во моментот сите се против Сојузот на синдикатите на Македонија, вклучително и Владата, работодавачите и другите синдикати, само затоа што бараме зголемување на платите, затоа што бараме зголемување на минималната плата и затоа што бараме достоинствени плати и достоинствени услови за работа. Работниците треба да се охрабрат и да застанат заедно со нас. Никој не може да им се заканува на работниците и никој не може да им се заканува на синдикатите“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Како што истакна Трендафилов, на 1 Мај ќе биде организиран протест, а не марш.

„Ќе излеземе на протест да го изразиме нашето незадоволство, бидејќи огромен број институции во јавниот сектор немаат добиено плато во март. Колку ќе дојдете и колку ќе дојдеме, толку ќе добиеме затоа што Владата и работодавачите не бројат“, рече Трендафилов.

Според него, во услови кога работниците се соочени со неизвесност за нивните работни места и исплата на нивните плати, кога не се почитуваат колективните договори за растот на платите, кога минималната плата е најниска во регионот, кога сите се против работниците вклучително и некои синдикати, треба да се менува традицијата.

„Работната сила не е само во ССМ, туку во сите работници. Заедно да покажеме дека минималната плата е на дното во регионот и оти во Македонија се потешко се живее. Никој друг нема да се бори, доколку не се бориме заедно. Време е да го покажеме незадоволството на 1 Мај“, рече Трандафилов.

Инаку, синдикатите на лична покана од премиерот Мицкоски пред една недела имаа средба во Владата, на која се разговараше за колективните договори и миниманата плата, но сепак не се постигна договор.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира