На ниво на државата судовите во вториот квартал не успеале да го совладаат приливот на нови предмети и го зголемиле заостатокот за 2.127 предмети, беше констатирано на денешната седница на Судскиот совет кој денеска ги усвои тримесечните извештаи за работата на судовите во периодот април-јуни 2026 година. Согласно извештаите, судовите го започнале вториот квартал со 147.288 нерешени предмети, примиле 121.909 нови, имале вкупно во работа 269.197 предмети, од кои решиле 119.782, додека на крајот од периодот останале нерешени 149.415 предмети. Работата на судовите на ниво на државата е оценета како неажурна, а како еден од клучните проблеми повторно беше посочен недостигот од судски службеници.
На ниво на највисоките судови, како неажурни се оценети Управниот и Вишиот управен суд. Вишиот управен суд со само шестмина судии од предвидени 13 го завршил кварталот со 2.767 нерешени предмети, додека Управниот суд со 26 судии и пополнетост на судската служба од 39,05 проценти завршил со 5.528 нерешени предмети. Врховниот суд, пак, е оценет како ажурен и покрај тоа што работи со 14 судии од предвидени 28.
Во апелационото подрачје Битола, ажурни се Апелациониот суд Битола и Основниот суд Охрид, додека основните судови во Битола, Крушево, Прилеп, Ресен и Струга се оценети како неажурни.
Апелациониот суд Битола работи со само девет судии од систематизирани 25 и пополнетост на судската служба од 35,19 проценти, но сепак ја задржал ажурноста, на што, според образложението, помогнало времено упатување судии од Гостивар.
Основниот суд Битола е со преполовен судиски кадар, 12 од предвидени 25 судии, и завршил со 7.468 нерешени предмети. Во Крушево работи само еден судија и еден времено упатен судија, а судот кварталот го завршил со 530 нерешени предмети.
Основниот суд Охрид, иако работи со седум од предвидени 18 судии и двајца делегирани судии, е оценет како ажурен. Од друга страна, Основниот суд Прилеп, со осум судии и тројца делегирани судии, останал со 9.149 нерешени предмети, додека Основниот суд Струга со само четворица судии и тројца делегирани завршил со заостаток од 9.115 предмети.
Во апелационо подрачје Штип како ажурни се оценети основните судови во Виница, Делчево, Свети Николе и Струмица, додека неажурни се Берово, Кочани, Радовиш и Штип. Неажурен е и самиот Апелационен суд Штип.
Апелациониот суд Штип работи со 10 судии од предвидени 16 и го завршил кварталот со 2.106 нерешени предмети.
Особено лоша состојба беше посочена за Основниот суд Берово, за кој на седницата беше наведено дека практично не функционира поради недостиг од судии и друг стручен кадар.
Како ажурни се оценети основните судови во Виница, Делчево, Свети Николе и Струмица. Основниот суд Струмица, со 12 судии од предвидени 20, успеал да го намали бројот на нерешени предмети на 3.319.
Неажурни остануваат основните судови во Кочани, Радовиш и Штип. Основниот суд Кочани го завршил кварталот со 3.179 нерешени предмети, а Радовиш со значителен недостиг на кадар и пополнетост на службата од 31,82 проценти.
Во гостиварското апелационо подрачје ажурен е само Основниот суд Гостивар, додека Основните судови Дебар, Кичево и Тетово, како и Апелациониот суд Гостивар, се оценети како неажурни.
Апелациониот суд Гостивар работи со 10 судии од систематизирани 16 и кварталот го завршил со 850 нерешени предмети.
Основниот суд Гостивар е еден од ретките што успеал да го совлада приливот на предмети. Од вкупно 12.523 предмети во работа решил 6.394 и го намалил заостатокот на 6.129 предмети.
Основниот суд Тетово имал најголем обем на работа во ова подрачје, со над 21.000 предмети во работа, но и покрај тоа останал со 8.346 нерешени предмети. Неажурни се и судовите во Дебар и Кичево.
Во најголемото апелационо подрачје во Скопје, ажурни се Апелациониот суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, како и основните судови во Велес и Кратово.
Апелациониот суд Скопје, и покрај тоа што има пополнетост на судската служба од само 21 процент, е оценет како ажурен и кварталот го завршил со 7.488 нерешени предмети.
Неажурен е Основниот граѓански суд Скопје, кој има најголем заостаток во државата од 24.298 нерешени предмети. Судот работи со 56 судии од предвидени 77.
Основниот кривичен суд Скопје е оценет како ажурен и во вториот квартал решил 22.962 предмети од вкупно 43.572 во работа.
Како неажурни се оценети и основните судови во Гевгелија, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово и Неготино, додека ажурни остануваат Велес и Кратово.
Од дискусијата на седницата произлезе дека речиси сите судови се соочуваат со недостиг од судии и особено со недоволен број судски службеници, поради што Судскиот совет оцени дека кадровската екипираност останува еден од најголемите предизвици за подобрување на ефикасноста на судскиот систем.