Трговците со предлог да се ограничат цените на 100 до 200 производи, а не на 1.000 – маржите да бида од 3 до 15%

Facebook
Twitter
Email
Print

Трговците доставија предлози за намалување на цените на групи производи. Реално практично е да се ограничат цените на 100 до најмногу 200 производи, а не на 1.000, како што бараше Владата, велат од Комората на трговците и предлагаат намалување на маржите од 3 до 15 отсто за различни производи.

За брашното, маслото, млекото и за шеќерот, да се пресметува маржа од 3 отсто, а лебот, тестенините, квасецот, солта, кафето, рускиот чај и за одделни видови сирење, урда, јајца, за некои видови зеленчук и овошје, како и за одделни пијалаци и средства за хигиена, маржата може да се ограничи на 10 до 15 отсто.  Мерката би важела од 22 март до 22 април. Тоа значи дека и за Велигден ќе има пониски цени, но и за Рамазан.

Претходно Владата најави дека ќе се замрзнат бруто-профитните маржи на трговците и на дистрибутерите на 10% до крајот на април. Тоа беше реакција по извештајот на Државниот инспекторат дека кај трговците на мало имало маржи повисоки и од  20%  на основните прехранбени производи и повеќе од 30% кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и кај дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50%.

Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.

Но, по реакција на трговците дека ќе се затворат повеќе синџири на маркети и ќе бидат отпуштени 4.500 работници, Владата одлучи да разговара со трговците и со дистрибутерите и да се подготват нови предлози. Утре ќе биде појасно во која насока ќе тргнат тие разговори.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи