По повод Меѓународниот ден на лицата со оштетен вид, Унијата на жени при ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп со конкретна поддршка за учениците со оштетен вид, преку донација на 50 асистивни помагала кои што ќе бидат распределени во сите основни училишта на територијата на општина Прилеп.
Претседателка на Унијата на жени при ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и членка на Извршен комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Кузманоска истакна дека иницијативата потекнува од потребата за создавање на попрактични услови за учење, и е во координација и комуникација со стручните лица во основните училишта, за да се помогне во делот на наставни помагала.
„Обезбедивме 50 асистивни помагала кои ќе бидат распределени во сите основни училишта, од кои 7 се во градското подрачје на општина Прилеп, а 3 се во руралните средини. Станува збор за помагала кои што овозможуваат полесно прикажување на наставната содржина за потребите на ученици со оштетен и намален вид, а набавивме и дрвени сложувалки, бројки и абакуси кои ќе помогнат во развојот на моториката, кои ќе го поттикнат учењето со допир и логичкото размислување.
Сакам да потенцирам дека оваа иницијатива има уште поголема важност, затоа што нашата поддршка не е конкретно само за една категорија на ученици, туку овие помагала можат да ги користат и ученици со попреченост во зависност од нивните индивидуални потреби, а со тоа ние отвараме и поголеми можности за учениците во вакви категории да можат повеќе да бидат вклучени во образовниот процес.
Оваа донација можеби е мала во зависност од потребите кои што постојат, но сигурна сум дека е од голема корист за учениците кои навистина имаат потреба од ваква поддршка. Верувам дека хуманоста има многу поголема вредност кога е прикажана во дела и кога ќе ја најдеме таму каде што е потребно најголема поддршка“, изјави Кузманоска.