Министерката за образование и наука Весна Јаневска, на денешната прес конференција изјави дека Предлог-законот за средно образование во моментов се доработува и очекува до крајот на месецот тој да биде готов и повторно да се врати во собраниска процедура. Посочи дека разговараат со коалициските партнери поради одредбата за интонирање на државната химна во училиштата, поради што овој предлог-закон беше повлечен од собраниската процедура.
„Јас повеќе пати кажав, дека како одговорен министер, ова го повторувам повеќе пати и како одговорна Влада нема да дозволиме политиката да ги запре процесите во образованието. Оттука сметам дека не е голема греда тој член и да се изостави особено затоа што во оваа држава никој никому не може да му забрани да ја слуша, интонира и пее химната на оние што сакаат“, рече министерката.
Минатата недела Јаневска рече дека целта на предлог-законот за средно образование не била да се прават меѓуетнички тензии, но дека партијата ДУИ тоа го искористила на најнесоодветен начин за да ги вметне политичките и етничките проблематики во закон за образование.
„Во оваа држава никој никому не може да му забрани да ја слуша, интонира и пее химната на оние што сакаат. Се надевам дека во некои идни времиња сите ќе се почувствуваме како граѓани на една единствена држава. И сите ќе ги почитуваме симболите на нашта заедничка држава. И дека тоа нема да биде проблем“, рече министерката за образование