Двајцата прилепчани кои го искачија Монблан ја посетија Општина Прилеп

Градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески, денеска ги прими двајцата прилепчани, Маријана Ѓорѓиевска и Владимир Јованоски кои пред неколку денови се искачија на највисокиот врв на Алпите – Монблан во Франција. Ѓорѓиевска и Јованоски се членови на планинарскиот клуб „Мамути“, а оваа идеја за искачување на Монблан потекнувала уште од 2016 година. Инаку досега според неофицијалните податоци само двајца прилепчани се имаат искачено на Монблан, а Ѓорѓиевска е првата припадничка на понежниот пол.

 

„Се приклучивме на планинарскиот клуб од Предеане и експедицијата на почетокот ја сочинуваа 15 лица, а подоцна ни се приклучија и други планинари. Пред искачување на врвот Монблан имавме аклиматизација на италијанскиот дел од Алпите на врвот Полукс. Целиот пат помина во најдобар ред, сите се вративме среќни и задоволни и се надевам дека ова ќе биде почеток и поттик за нас и за други планинари да се искачуваат на високогорски планини. Кога се искачивме на врвот чувството неможе да се опише со зборови, се надевам дека барем малку ќе ја доловиме целата таа атмосфера преку фотографиите кои ги направивме“, вели Маријана Ѓорѓиевска, претседател на планинарскиот клуб „Мамути“.

Искачувањето на Монблан траело 3 дена. А на моменти поради лошото време се доведувало до прашање и искачувањето на највисокиот врв на Алпите.

 

„Првиот ден тргнавме од местото Орлово гнездо, до каде што стигнавме со воз. Потоа преку Кулуарот на смртта стигнавме до домот Дегуте кој се наоѓа на 3.800 метри надморска височина. Вечерта имаше големо невреме и се поставуваше прашање дали воопшто ќе тргнеме кон искачување на Монблан. Утрото околу 5 часот водичот не разбуди имаше прекрасно време, и во 6 часот утрината тргнавме со искачување. Теренот беше замрзнат, патеката беше тешка, но сепак успеавме да стигнеме до надморска височина од 4.200 метри до едно засолниште, а потоа продолживме кон местото викано Ножот, доста опасен предел со многу процепи. Чувството кога се искачивме на врвот Монблан на 4.810. н. м. не се опишува со зборови“, вели Владимир Јованоски, претседател на планинарскиот клуб „Мамути“.

 

 

Градоначалникот Ристески им се заблагодари за нивната промоција на Прилеп и Македонија.

 

„Голема беше возбудата на сите прилепчани кога од медиумите разбравме дека нашите Маријана и Влатко се искачени на Монблан. Многу малку луѓе од Македонија и Прилеп се имаат искачено. Тие подолго време се подготвуваа за овој храбар потег и на крајот испеаја во тоа. Јас од името на градот Прилеп и Македонија им се заблагодарувам за тоа што со ова искачување го испромовираа Прилеп и Македонија. Им посакувам и понатаму да ги освојат сите предизвици кои им претстојат и кои ги посакуваат. Во иднина ваквите настани како локална самоуправа ние ќе ги поддржуваме и повикувам и бизнис секторот што е можно повеќе да ги помага ваквите активности“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

 

Ѓорѓиевска и Јованоски рекоа дека нивни следен предизвик е искачување на највисокиот врв на Европа, Елбрус кој се наоѓа на Кавказ и е висок 5.642 метри н.м. Се надеваат дека Елбрус ќе биде освоен идната година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи