Попладнево во Прилеп започна третиот по ред меморијален турнир во ракомет – „Миле Нешкоски“, кој се одржува по чест на прерано починатата прилепска ракометна легенда. На турнирот учествуваат 4 екипи : РК Прилеп, РК Пелистер, РК Пролет и РК Борец. Пред започнувањето на турнирот, кој се игра во новата спортска сала во СОУ „Ристе Ристески Ричко“, свежо цвеќе беше положено пред споменикот на Миле Нешкоски кој се наоѓа кај Универзална сала. Свежо цвеќе положи и делегација на Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Марјан Ристески.
„Миле Нешкоски е еден од најголемите спортисти кои ги имал градот Прилеп. Денеска започнува меморијалниот турнир кој ќе се игра во негова чест. Турнирот пред се значи и дружење помеѓу ракометарите, а љубителите на овој спорт можат да уживаат во квалитетните натпревари во наредниве 3 дена. Турнирот на еден начин е и подготовка на клубовите за претстојната прволигашка сезона“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Овој спортски настан ќе трае до недела, а организаторите се надеваат дека оваа традиција ќе продолжи и во иднина.
„Поранешните ракометари од Прилеп, судиите, спортските работници, помогнати од нашите соседи од Битола и оваа година го организиравме меморијалниот турнир во ракомет „Миле Нешкоски“. Сакаме да го зачуваме делото на Нешкоски, кој беше еден голем спортист и другар“, Рубинчо Седлоски, организатор на турнирот.
„Ова е добар подготвителен период пред почетокот на сезоната во супер лигата. Поканети се 4 екипи на турнирот, се надеваме на добра забава, добра игра и голем број на публика. Сакам да потенцирам и тоа дека поддржани сме од Ракометната федерација на Македонија“, кажа Александар Мариноски, претседател на РК Прилеп.
Организаторите се надеваат дека наредната година овој турнир ќе прерасне и во меѓународен.