Лионел Меси во својата 30-та година игра на фантастично ниво. Аргентинецот одлично ја започна новата сезона, постигнувајќи 12 гола во само 8 натпревари.
Со тоа што Реал Мадрид не постигна гол на последниот натпревар со Реал Бетис, за прв пат после 74 натпревари во популарната Ла Лига, бодовната разлика помеѓу Кралскиот клуб и Барселона изнесува 7 бодови после само 5 одиграни кола од оваа сезона. Секако најголем виновник за тоа е Лионел Меси кој што има постигнато 9 голови, исто колку и целиот тим на Реал Мадрид заедно.
По фантастична ланска сезона и слабиот трансфер период кој го имаше Каталонскиот клуб, се очекуваше Реал Мадрид “да се прошета“ во Шпанската лига и да дојде до нов трофеј. Сепак стартот наведува на нешто целосно спротивно. Барселона, дури и без Осман Дембеле кој требаше да биде нивно најголемо засилување, ја продолжи својата серија на победи со бомбардирањето на Еибар со дури 6 голови за конечен резултат од 6:1. Најзаслужен за високата победа е кој друг ако не Меси со своите 4 гола против тимот од Баскија.
На спротивната страна пак, враќањето на Роналдо во составот на Реал по одработувањето на казната од 5 натпревари за туркањето на судијата во супер купот на Шпанија токму против Барселона, помина полошо од очекуваното. Португалецот имаше 12 шута кон голот, од кои само 2 во рамките на самиот гол. За време на овој период, Меси постигна 2 гола против Алавез, 3 гола против Еспањол и 4 гола на последниот натпревар против Еибар.