За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ започна градежната експанзија која ја доживеа Прилеп во последните 12 години. Овој лик на градот во голема мера е плод на реализацијата на проектите на јавното претпријатие ЈП за ПУП. Истакнаа на прес конференција од О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Плоштадите во центарот на градот, фонтаните, парковските површини, ревитализацијата на фасадите, новата општинска зграда, училиштата, градинките, спортски објекти, градскиот превоз, паркинзите како и многу други објекти кои никнаа во последниве години на градот му дадоа нов сјај и европски лик кој што овој град го заслужува.
Со постоењето на ова претпријатие граѓаните преку своите урбани заедници и Советот на Општина Прилеп добија ексклузивна можност да учествуваат во разубавувањето на својот град преку свои идеи и проблематики кои се преточуваа во проекти, а потоа и во реализирани целини.
Таков е примерот со ревитализацијата на Паркот на Револуцијата кој беше идеја на нашите сограѓани, мултимедијалното плато и туристичките патеки до цркви и манастири во населбата Варош, потоа градскиот превоз, паркинзите, плоштадот Александрија, новата Општинска зграда, царинскиот Терминал, покривање на Градскиот пазар, цветните патеки во старата чаршија, „Арт плоштадот“, изградбата на плоштадот со кружен тек и скулптура посветена на борците од Карпалак, потоа кружниот тек „Прилепските Бранители“, реконструкција на
паркот во близина на судот, изградба на нови паркови во населбите Точила и Ѓогдере, Големо Коњари, паркот во населено место Мало Коњари, Беровци, Селце, црквата „Св. Петка“ и многу други проекти со кои Прилеп доби нов современ лик.
Со ова ВМРО –ДПМНЕ покажа дека Прилеп се сака со дела, а со инвестициите во
осовременување на градот и населените места се градат и визиите на идните генерации.
ЈП за ПУП се јавува како изработувач на урбанистички плански документ – односно Генералниот урбанистички план на градот со кој е проектиран идниот развој на градот во наредните десет години.
Со овој плански документ на градот му се дава можност за развој во секоја смисла: развој на инфраструктурата, патната мрежа, водовод, канализација,електрична и најново гасоводна и оптичка мрежа.
Се потврдуваат постојаните и се обезбедуваат нови зони за развој за домување (индивидуално и колективно), зони за изградба на јавни објекти, (училишта,болници, детски градинки,старски домови и други), зони за рекреација парковско и заштитно зеленило, работни и индустриски зони и друго.
Овде нема да застанеме. ВМРО – ДПМНЕ И ЈП за ПУП заедно со секторот за урбанизам при Општина Прилеп во наредниот период се подготвени да продолжат и понатаму да биде главниот креатор на изгледот на нашиот град.
Како идни проекти за градот се предвидени :
-Партерно уредување на црквата Св.Атанасиј во Варош.
-Стадионот кај фабриката Металец кој се планира да стане современ тренинг центар.
-Спортски терен за мали спортови во населба Ѓогдере ( втора фаза).
-Мини голф игралиште во Паркот на револуцијата.
-Нови мостови на градската река и реконструкција на постоечките.
-Нова туристичка населба во близина на Вештачкото езеро.
-Средување на парковските површини во населба Точила, Бончејца и многу други проекти“, рекоа од О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.