ДРОН ВИДЕО : Изградба на конаците на Трескавец

Милениумска приказна која континуирано продолжува да биде колевка на цивилизацијата како во минатото така и денес. Манастирот „Успение на Пресвета Богородица или кај народот познат како Трескавец“.

 

Овој комплекс со својата мистика ги привлекува луѓето да го населуваат ова место од праисторијата, па се до денес. Вонвременски и вондимензионален простор кој како да не е од овој свет. Како предворје каде од земјата се искачуваш и влегуваш во еден друг, небесен свет.

 

 

Трескавец е единствената приказна која не може да се раскаже со зборови. Потребно е да се посети и да се има личен опит во ова несекојдневно доживување кое што ќе го имате тука.

 

За жал во 2013 до темел изгореа конаците на манастирот. Но денес интензивно се работи на нивната изградба. Изведувач на работите е српската фирма „Кото“, а инвеститор е Министерството за култура. Проектот е вреден околу 2 милиони евар, а според динамиката нa работа обновата треба да заврши до крајот на идната година.

 

„Прво моравме да го урнеме целиот опожарен објект, да се изгради бетонска конструкција. Западниот конак е целосно завршен, сега кровот се покрива со камени плочи. На источната страна веќе завршивме со бетонските плочи и сега започнуваме да ги градиме покривите и чардаците и на северниот и на источниот конак. Планирано е да се врати целиот автентичен изглед на манастирот каков што тој го имал во минатото. Манастирот ќе има противпожарна централа со сензори кои ќе го покријат целиот објект. Се гради мрежа на хидранти околу објектот и ќе има апарати со гас за гаснење на пожар“, вели Никола Ѓулизибариќ, раководител на проектот.

 

„Во самиот инсистиравме да биде изработен и посебен елаборат за противпожарна заштита така што овој пат се потрудивме сите стандарди кои што постојат во Македониоја, па некаде и повисоки стандарди од нашите, така што барем нашиот дел јас мислам дека го завршивме солидно“, вели Отец Калист.

 

 

Освен обновата на конаците во тек е и еден многу значаен проект, а тоа е проектот за превентивна заштита на црквата. Сега околу целата црква се прави дрвена конструкција која подоцна треба да служи за заштита на храмот од надворешните влијанија.

 

„Она што сега го гледате на црквата е всушност реализација на превентивната заштита, односно привремен кров кој што ќе ни овозможи прво да ја заштитиме црквата од надворешни атмосферски влијанија, ќе ни дозволи конечно да се заврши истражувачката работа, да се отворат куполите да се види оригиналната нивна конструкција и да се заврши проектот. Со тоа што се надеваме дека од наредната година ние веќе ќе започнеме со реализација на тој проект. А во иднина овој привремен кров ќе биде и искористен како скеле кое што ќе го употребуваат работниците за реставрирање на фасадата на надворешниот дел на црквата“,  рече Отец Калист.

 

Но овој проект е само колку да се заштити црквата во оваа состојба во која што се наоѓа и да не се влошува понатаму ситуацијата. Во иднина потребно е итно да се направи архитектонска консолидација на објектот, реставрација на живописот и на крајот ентериерно уредување на самата црква.

 

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е во крајно лоша состојба. Огромен број на фреските кои потекнуваат од 13 и 14 век се буквално во распаѓање. Ситуацијата е алармантна и треба час поскоро да се реагира. Потребна е итна интервенција и на Министерството за култура и на државата за да се заштити ова не само македонско, туку и светско културно наследство.

 

 

Освен проблемот со црквата Трескавец се соочува и со уште еден голем проблем, а тоа е водоснабдувањето кое исто така мора под итно да се реши затоа што доколку со изградбата на конаците манастирот биде посетуван од повеќе туристи, тој нема да може да ги задоволи потребите за вода.

 

„Водата која што ја имаме во моментов секако дека не ги задоволува нашите потреби, ниту сега, а не пак во зголемена посетеност која се очекува да ја имаме по обновата на конаците. Така што уште во 2012 година го започнавме проектот за нов водоснабдителен систем, се надевам дека дозволите се при крај, таму проектирањето е завршено. Мислам дека од наредната година треба да започне и неговата изградба. Бидејќи ако не направиме нов водовод, бесмислено ќе биде сè она што го градиме во моментов“, додаде Отец Калист.

 

Според археолошките истражувања и историските записи се дојде до заклучок дека тука, овој простор околу манастирот Трескавец бил населен уште од 4 век п.н.е. и животот тука се одевива континуирано се до денес. Тука на овие простори постоела античка населба која се викала Колобаиса. Колобаиса ги имала сите модерни придобивки на денешниот цивилизиран свет како што се патишта, улици, водоводи, па дури и атмосферска канализација.

 

 

„Дури понекогаш со градоначалникот на Прилеп се шегуваме дека во 4 п.н.е. тука имало атмосферска канализација, а Прилеп денеска ја обновува и ја гради, така што ние сме 24 века пред Прилеп. Една од тезите е дека Колобаиса престанала да функционира со Аварскиот напад во 580 година. Но животот не престанал со престанувањето на Колобаиса, затоа што продолжува да се живее, но сега цивилизациските придобивки се на пониско ниво. Луѓето живеат во попримитивни живеалишта, најчесто дрвени конструкции. Но имаме многу керамика од тој 7, 8 и 9 век, се до конституирањето на манастиирот во 12 век“, кажува Отец Калист.

 

Со археолошките истражувања кои тука се одвиваат неколку години се докажа дека Колобаиса била голем град за тие антички стандарди. Тука на врвот на планината на околу 1.300 м надморска височина во тоа време живееле од 2 до 3.000 луѓе. Во иднина се очекува целиот овој комплес и ѕидините кои беа пронајдени да се конзервираат и барем малку да се долови како изгледал живоот тука пред околу 2.000 години.

 

 

Инаку Трескавец е полн со изненадувања и недокажани приказни. Една од нив се и овие пранги кои се наоѓаат заковани во ѕидот во една од просториите кои треба да прераснат во еден вид музеј.

 

Мистиката на Трескавец продолжува да ги привлекува луѓето и денес ова место е една приказна која допрва треба да се раскажува и со неа да се запознае светот.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи