Македонската Помпеја. Ова е еден од најчестите термини со кои се нарекува еден од нашите најзначајни археолошки локалитети во Македонија, а тоа е локалитетот Стибера кај Прилеп. Овој назив го добива поради огромното богатство кое градот го поседувал, а сега целото тоа за жал се наоѓа под земја.
Од Стибера не се откриени ниту 5 % од градот, иако за тоа време ова место било како еден мегаполис во денешно време.
Од градот Стибера досега се откриени само неколку објекти, се претпоставува дека ова место броело околу 20.000 жители, што во денешни рамки тоа би било вистинска метропола. До бројката од 20.000 жители археолозите доаѓаат според запишаните имиња на ефебите, односно учениците во гимназионот. На овие ридови се наоѓаат можеби и театри, амфитеатри, а највредното нешто е некрополата која засега не е ниту лоцирана. Се претпоставува дека таа можеби се наоѓа под денешното населено место Чепигово.
„Сега зборуваме хипотетички, од еден град кога би се откријало само едно училиште, само една црква, а градот имал неколку цркви, и уште 2 до 3 градби тогаш кажуваме дека не се откриени ниту 5 % од градот затоа што Стибера бил град со 20.000 жители, особено во тој римски период во 1 и 2 век од н.е. А 20.000 жители во тоа време е на ранг на денешен мегаполис. Така што овие градби можеби не се ниту 5 %. Секако дека Стибера била значаен урбан центар на областа Девриоп во рамки на Римската империја, секако ги имала сите удопствија за своите жители како театар и други јавни градби. Но археолозите сеуште немаат сознанија каде би можел да биде театарот. Кога ја гледаме конфигурацијата на теренот ќе помислиме дека можеби се наоѓа на некое место, но потребна е поголема финансиска поддршка од државата. Археологијата е скапа наука, потребни се пари за да се дојде до резултати“, вели Душко Темелкоски, археолог.
Но за жал иако истражувањата тука се започнати во далечната 1959 година, иако станува збор за навистина значаен градски центар за тоа време, каде на само толку мал простор колку што е откриен пронајдени се дури 30-тина мермерни скулптури, сепак Стибера со децении е запоставен локалитет за кој годишно се одделуваат многу малку средства за истражување. Затоа за скоро 50 години истражувањата изгледаат како да тапкаат во место.
Веќе со децении археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп е еден од позапоставените локалитети на ниво на Македонија. Годишно за истражување тука се одделуваат само по неколку илјади евра, што е навистина многу малку да се истражи нешто, а уште помалку пак да се зачува и конзервира пронајдениот наод. Дел од ѕидовите кои веќе се откриени поради немањето на конзервација веќе започнале и да се распаѓаат.
И експертите бараат многу поголеми вложувања од страна на државата во Стибера затоа што ова е едно ретко национално богатство, кое пред се воопшто не е заштитено од диви копачи, локалитетот не е ниту ограден, а до него нема ниту патокази како да се стигне, па туристите често пати неможат ниту да го пронајдат.
„Стибера е запоставен во однос на Хераклеа, Стоби и Скупи, а е во нивни ранг. Сите тие градови се формирани во времето на последните македонски кралеви Филип Петти и неговиот син Персеј. Но сите тие градови во Римскиот период доживуваат процут и едноставно градбите од тој македонски период се затрупани. Незнам зошто се има таков игноратски однос кон овој локалитет. Во последно време ете доби некое значење како капитален проект. Да се надеваме дека во иднина ќе се има подобар однос кон овој локалитет“, додава Темелкоски.
Стибера постоела од 3.век п.н.е. па до 4 од н.е. Овој град се протегал од овој рид, каде се наоѓаат откриените објекти, па се брегот на реката Црна која тече низ околното поле. Тоа е навистина еден уникатен антички град кој допрва чека да биде откриен, како од археолозите така и од туристите.
Во 2015 година тука беше откриена една градба за која археолозите претпоставуваа дека е првото откриено античко градско собрание во Македонија. Но поради немање на средства и поради нерасчистени имотно правни односи овој наод не се доистражи и сега повторно се затрупа со земја.
Инаку вака изгледаше лани ова место каде што се претпоставува дека беше откриен влезот или влезниот хол на тоа градско собрание. Се открија и уникатни ѕидови работени со посебна техника „штукатура“, но за жал сега целиот овој наод и ѕидови се повторно под земја.
Практично целиот овој локалитет се наоѓа во приватни ниви што е еден од поголемите проблеми за понатамошни истражувања. Археолозите предлагаат државата да им даде на жителите од селото Чепигово државно земјиште во замена за овие ниви на кои се наоѓаат откриените градби.
„Сите објекти во Стибера се наоѓаат во приватен посед. Треба малку државата повеќе да има разбирање за тој проблем. Има премногу државни парцели или државно земјиште. Може на жителите да им се дадат тие ниви, а жителите пак да ги отстапат нивите каде сега се наоѓа локалитетот и каде и онака неможат да работат. Ако треба нека им се даде 2 : 1 или пак 3 : 1, бидејќи овие објекти за нас како држава се многу значајни“, потенцира Темелкоски.
Дека Стибера не престанува да изненадува со своите откритија доказ е и годинешниот пронајден бунар заедно со една поголема просторија кои се лоцирани веднаш до храмот на богињата Тихе, која се сметала за заштитничка на Стибера во тоа време.
„Тука бил позициониран објект исто така репрезентативен според начинот на градба. И првична претпоставка на нашата екипа кои работевме тука е дека можеби овој објект бил во функција на храмот на богињата Тихе. Оваа претпоставка се наметнува бидејќи и во оваа градба која ја откривме има ист таков бунар каков штом има во храмот на Тихе. Ова можеби бил помошен објект на храмот“, истакнува Темелкоски.
Стибера со својата мистика и понатаму ќе продолжи да ги привлекува археолозите, туристите, но и дивите копачи кои трагаат по големите богатства на ова место. Под овие ридови лежат огрoмен број на градби кои допрва чекаат да бидат откриени и да придонесат за истражување на еден дел од историјата и животот кој се одвивал на овие простори.