Ирачките Курди се изјаснија за независност со 90% од гласовите за, на референдумот одржан во понеделникот. Изборната активност беше над 72% излезеност од населението, а официјални резултати се очекуваат за 3 дена, посочи изборната комисија.
Ирачката влада гледа како непријателски на овој акт, додека пак соседна Турција се закани и со воена интервенција. За официјален Багдад со овој референдум се заканува промена на границите на Ирачката територија, а токму во Курдистан се наоѓа голем дел од нафтените извори на Ирак, што уште повеќе ја вознемирува централната влада. Турција и Иран пак се плашат дека доколку се изгласа независноста на Курдите во Ирак, тоа ќе го мотивира курдското население и на нивните територии. Резултатите од гласањето, кои ќе бидат објавени покасно оваа недела и кои најверојатно ќе бидат позитиви, нема автоматски да значат независнот, но сепак ќе створат нови тензии во и така нестабилниот регион.
Ирачките Курди уште повеќе ги зголемија своите напори за изгласување на независност откако ослободија голем дел од територијата на Северен Ирак во борбите со Исламската држава последнава година. Таа територија се протега од северозападниот дел на Ирак, па се до границата со Иран на исток, вклучувајќи го и регионот околу градот Киркук, кој што е екстремно богат со нафта.
Претседателот на Курдскиот регион Масуд Барзани изјави дека гласањето ќе биде мирно, но патот до незавосност ќе биде ризичен.
„Подготвени сме да ја платиме секоја цена за нашата независност“, истакна Барзани.
Ирачкиот премиер Хаидер ал-Абади пак се огласи дека референдумот е заканувачки кон Ирак и дека го доведува целиот регион во опасност.
„Ќе превземеме мерки да ја зачуваме унитарноста на нацијата и да ги заштитиме сите Ирачани“, изјави ал-Абади.
САД и ООН го осудија референдумот за назависност на Курдистан, нарекувајќи го едностран и потенцијално дестабилизирачки потег.