ДРОН ВИДЕО : Потребна е итна конзервација на Кралската гробница во Бонче

Дали гробницата која што се наоѓа помеѓу прилепските населени места Подмол и Бонче е доказ дека тука се наоѓал изгубениот град Пелагонија ? Одговор на ова прашање науката сеуште нема дадено, но теориите се дека токму тука е лоцирана четвртата македонска престолнина по која светската наука и археологија трагаат повеќе од 200 години.

 

Но, иако оваа гробница е со импресивна големина и е единствена од ваков тип во Македонија таа е оставена буквално на забот на времето.

 

 

Во последните неколку години повторно се актуелизира овој простор, се направија поголем број археолошки истражувања, но за конзервација на гробницата досега се нема направено ниту еден проект.

 

Гробницата е во форма на круг, направен од камења во неколку редови, има ходник или дромос кој пак води до главна погребна комора каде според претпоставките бил погребан некој од Пелагониските кралеви.

 

Низ вековите сводот на главната погребна комора бил урнат и таа е подложна на голем број атмосферски влијанија. Кога врне дожд целата гробница наликува на еден огромен базен. Исто така во катастрофална состојба се наоѓа и ходникот и сводот на ходникот кој води до оваа главна погребна комора и постои опасност сводот во секој момент да се урне. Затоа е потрено да се пристапи кон итна конзервација и реставрација на овој значаен објект.

 

 

Големите камени блокови кои се изградени пред повеќе од 2.000 години веќе почнуваат да попуштаат под забот на времето, голем дел се напукнати и опасноста од нивно уривање е навистина голема.

 

„Ова е објект со врвна културна опрема и архитектура која што е ретка на овие простори. Сега објектот е оставен сам на себе. Самото истражување треба да биде континуирано, постојано, соодветно, методолошки на највисоко ниво и треба да се изведува со најголемо внимание. Ние тука гледаме една крајно руинирана состојба. Еден дел е отворен, другите делови и тие се во лоша состојба, оставени онака како што биле ископани во минатото. Сега овој објект е оставен повторно незаштитен ниту од човечки, ниту од климатски фактор. Дел од сводот во ходникот веќе е испакнат малку надолу, така што може да се случи тој и да се урне“, изјави Тренчо Димитриески, истражувач и новинар.

 

Археологот Душко Темелкоски кој неколку години учествува во археолошките истражувања на локалитетот кај Бонче истакна дека иако пред неколку години доставиле барање за изработка на елаборат за заштита на гробницата, не добиле позитивен одговор.

 

„Пред 6 или 7 години Заводот и музеј Прилеп, јас и мој колега како тим, предложивме во редовните годишни програми на Министерството за култура изработка на елаборат за заштита на гробницата затоа што материјалите од кои што е изградена, со тек на време како што е отворена, постепено ќе почнат да се уриваат. Од комисијата во Скопје добивме одговор дека проектот не е одобрен. Рангот на таа гробница е ист како и Аквадуктот кај Скопје, а и тој знаеме како e оставен на забот на времето и колку е вреден како архитекстонска импресивна појава. Тука треба навистина да се запрашаат оние во Скопје кои се над нас со надлежности зошто е ова вака“, вели Душко Темелкоски, археолог.

 

 

Се претпоставува дека објектот е отворен и ограбен многу одамна. Од она што точно се знае е дека тука во 1917 година истражувал некој бугарски археолог, потоа во 1936 година српскиот археолог Вулиќ, а во тие истражувања според тврдењето на истражувачот Тренчо Димитриески, кој повеќе од 20 години се занимава со оваа гробница и нејзината околина, од неа бил изнесен и дел од саркофаг. Што точно е изнесено од гробницата и што точно имало тука можеби никогаш и нема да се дознае, но според експертите сепак треба да се посвети поголемо внимание на нејзина конзервација и вложување на повеќе средства од државата за да се открие дали станува навистина збор за градот Пелагонија.

 

„Овде на површина од десетици хектари од гробницата кон селата Подмол, Лопатица, а особено кон село Бонче има остатоци на нагласена култура. За жал се покажуваме како општество кое што не е на ниво за да соодветно му пристапи на вакви објекти. Бидејќи не покажуваме внимание за ова. Понекогаш се кажува тоа како недостаток на средства, но мислам дека се работи и за недостаток на екипираност, организираност во самите институции, посветеност, па и знаење“, додава Тренчо Димитриески, истражувач и новинар.

 

„Таа гробница е ретка архитектонска појава кај нас од античкиот период во Македонија. Гробница која според својата големина и репрезентативност укажува на тоа дека во неа бил погребан не обичен граѓанин туку можеби некој од пелагонските кнезови. Затоа што овој дел во антиката бил населен со Пелагонците. Пелагонците биле посебно племе и има епиграфски записи во Атина дека додека Филип 2, таткото на Александар Македонски, имал походи кон грчките градови, од неговата северна страна кнезот на Пелагонците, Менелај, им помагал на Атињаните со разни работи. Така што можеби токму Менелај бил погребан во таа гробница“, вели Душко Темелкоски, археолог.

 

 

Доколку се открие дека тука навистина се наоѓа градот Пелагонија, тоа би било едно од најголемите археолошки открија во Европа во последниве векови.

 

Според археолошките истражувања и податоците кои што може да се извлечат од нив, градот Пелагонија се простирал на неколку десетици хектари. Долниот дел се наоѓал во близина на селото Бонче, а горниот дел на врвот Висока. Таму според истражувања може да се наоѓа некој вид на светилиште или резиденцијален објект. За да со сигурност се утврди дали на овие простори се наоѓал градот Пелагонија потребно е да се пронајде некој епиграфски споменик на кој ќе се наоѓа името Пелагонија.

 

Но ниту врвот Висока, каде се наоѓа навистина импресивен објект, кој засега не се знае за што точно служел, ниту пак гробницата не се пристапни за туристите ниту се соодветно заштитени. Наместо туристичка атракција тие сега се познати само за малкумина и за оние кои се добро физички подготвени пешки да стигнат до нив. Државата во иднина треба да посвети многу поголемо внимание и заштита на овие објекти затоа што станува збор за многу ретко културно наследство кое може многу да придонесе за истражувањето и докажувањето на дел од нашата историја.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи