Хан испрати итна домашна задача за македонските министерства

Канцеларијата на еврокомесарот Јоханес Хан испратила мини-прашалник на кој македонските министерства треба итно да одговорат до каде се со остварување на зацртаните обврски и реформи.

 

Од Владата соопштуваат дека ги задолжиле сите министерства да ги одговорат прашањата во најбрз можен рок за да истите бидат пратени што е можно поскоро во Брисел.

 

„Владата меѓудругото на вчерашната седница им препорача на сите министерства, до крајот на оваа недела да ги извршат ажурирањето на нивните обврски и динамиката на исполнување на активности предвидени во Планот 3-6-9, кои треба да бидат реализирани во период од шест месеци. Министрите на Владата беа информирани дека е добиено писмо со препораки за постапување по однос на мини- прашалник за секое министерство одделно, кое треба да послужи како информативен материјал за формирање на најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во процесот на остварување на целта, а тоа е враќање на препораката за отпочнување на преговорите со Европската унија“, соопшти владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

 

Прашалникот треба да биде одговорен до 17-ти октомври. Овој прашалник Македонија, но и другите земји од регионот последен пат го добиле пред 13 години. Бараната брзина на одговорите и ненајавеното испраќање, според владини извори, се толкуваат со големиот интерес на Брисел побргу да го реши статусот на земјите од Балканот за членство во ЕУ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien