Во спортската сала во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп денеска се одржа натпревар во стандардни, латино-американски и модерни танци. Натпреварот е во организација на танцовиот клуб „Темпо“ од Прилеп. Овој натпревар секогаш се одржува во пресрет на големиот национален празник „11 Октомври“.
„Танцовиот клуб „Темпо“ од Прилеп е формиран во 2004 година и секоја година пред празникот „11 Октомври“. Овој танцов натпревар е со бодовен карактер во латино-американскки стандардни танци и во состав на овој натпревар се одржу и натпревар во модерни танци. Тоа се два натпревари. На овие натпревари учествуваат сите танцови клубови што се членови танцова – спортска федерација и овој натпревар е обврска на сите клубови еднаш годишно да организираат ваков натпревар како активност на клубот во Федерацијата. Овие танци се многу популарни кај младите особено сега кога воведовме нови танцови дисциплини во кои што можат да учествуваат сите членови, тоа се дисциплини во кои не е потребно да се има партнер туку сега се танцува и во групи. Се формираат групи од девојки, машки или пак мешовит состав и тие се натпреваруваат во 20 танцови дисциплини кои се дозволени“, рече Славица Илиоска, танцов клуб „Темпо“.
Старосната граница на натпреварувачите е од 6 до 18 години, а танцовиот клуб „Темпо“ започнува со работа и со деца од предшколска возраст од 4 години.
„Тренирам танц веќе 8 години. Засега тренираме само латино-американски танци. На 28 октомври имаме меѓународен натпревар кој ќе се одржи во Скопје, сега се подготвуваме за таму. Претходно бевме во Грција, во Кавала, игравме латино-американски танци и освоивме трето место“, кажа Маја Димеска, член на танцов клуб „Темпо“.
„Три пати сум државен првак во Македонија, и јас тренирам во латино-американски танци заедно со мојата партнерка Маја Димеска. Кај нас не е многу раширен овој спортот. Инаку во Македонија има повеќе танцови-спортски клубови и конкуренцијата зависи од категоријата во која се натпреваруваш“, истакна Веселин Трајкоски, танцов клуб „Темпо“.
Организацијата на ваквите натпревари значи и промоција на овие танци како и нивна популаризација помеѓу младите во Македонија.