Видео: Започна прославата на 11 Октомври во Прилеп

Со импровизиран напад на Участакот и спектакуларен огномет вечерва во Прилеп започна одбележувањето на големиот национален празник „11 Октомври “. Ова е еден од најзначајните датуми на македонската историја, 76 години  од подигнувањето на востанието против фашистичкиот бугарски окупатор во далечната 1941 година. Револуцијата започнува со убиството нa стражарот на тогашниот бугарски затвор или објект познат како Участакот.

 

 

Во борбата против фашистите Прилеп се вклучува со околу 8.000 борци, од кој 2.700 активни членови на партизанските одреди, а Прилеп дал и 15 народни херои од вкупно 66 на ниво на државата. Од локалната самоуправа на Прилеп истакнаа дека аманетот кој ни го оставиле нашите предци денес е зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.

 

„Во предвечерјето на тој голем празник, гордо и со длабока почит се сеќаваме на сите борци и херои кои учествуваа во големата борба за слободна Македонија, кои своето утре го дадоа за ние да го живееме нашето денес. Во четиригодишната народна револуција Прилеп дал 15 народни херои и околу 650 жртви чии мошти се на „Могилата на непобедените“, во паркот на Револуцијата, со што Прилеп се гордее. Горд е со празникот 11 Октомври и со фактот дека од тука почнала анти-фашистичката револуција во Република Македонија. Денес НОБ ја чувствуваме како патоказ за тоа како се брани самостојноста, независноста и демократијата во РМ“, изјави градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

 

Прилепчани велат дека се горди на овој ден, а дел од нив се противат на договорот склучен со Бугарија и сметаат дека со него ќе започнела промена на историјата.

 

„Најголем празник на Македонскиот народ, првата пушка пукнала точно овде во нашиот град против душманите. Се бореле нашите за ние вака денес да живееме слободно. И сакам Македонија стално да биде Македонија, како што е сега. Договорот со Бугарија да не го признаваме, не можи Бугарија да ни биде нас ослободител“

 

„Овој ден историски е значаен затоа што е пукната првата пушка, почнато е востанието против фашистите, поробувачи во Македонија. Подолго време не го запазуваме аманетот на нашите предци, што е жално. Тоа е така затоа што поважна ни е дневната политика и желбата за власт, отколку интересите на Македонија.“

 

„11 Октомври е голем празник за Македонија, бидејќи почнува ослободување од фашистичкиот окупатор, а со тоа и почетокот на создавање на Македонската држава во склоп на Југославија. Може да се каже дека од тогаш почнуваме да постоиме официјално како Македонци, нормално тогаш во Југославија, а после тоа од 91 година и како самостојна држава.“

 

„11 Октомври преставува денот на почнувањето на востанието во Прилеп и во Македонија за ослободување од бугарскиот окупатор. Секоја година традиционално и достојно се одбележува овој празник.“

 

„На овој ден се кренал Македонискиот народ во одбрана од окупаторот. Достојно се одбележува и секој 10-ти према 11-ти ние сме овде, бидејќи сè бидува со народ. Ако го заборавиме аманетот на нашите предци, значи сами сме се заборавиле.“

 

Во склоп на одбележувањето на празникот во Домот за култура „Марко Цепенков“ се одржа и изложба на авторот Никола Смилков, насловена како „Емотивна геометрија“

 

„Оваа изложба прв пат е во Прилеп откако е збогатена, инаку претходно со дел од овие дела е претставена во Скопје и пред 3-4 години во Прилеп. Во делата може да се забележи дека има една геометризација на фигурацијата. Фигурацијата е претставена во некој геометриски ракопис, кој што симболизира некои чувства или момента состојби во чевековата состојба“, изјави Никола Смилков, автор на изложбата.

 

Чествувањето на празникот вечерва продолжи и со концерт на етно составот „Синтезис“ и ДЈ Мето на камената бина на плоштадот „Александарија“

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien