Напаѓачот на Шекеринска доби 4 години казна затвор

Четири години казна затвор му пресуди судот на Панче Ангелов кој е обвинет за напад на тогашната пратеничка, а сегашна министерка за одбрана, Радмила Шекеринска на крвавиот четврток што се случи на 27 април во Собранието.

 

Пресвртот во целата ситуација се случи минатата недела, кога на последното рочиште 65-годишниот Ангелов ја призна вината и и се извини на јавноста и на оштетените за како што рече тој грозоморен чин.

 

При изрекувањето на казната судијката рече дека судот ги зел предвид и олеснувачките и отежнувачките околности, но преовладале отежнувачките. Олеснувачките во случајот на Англеов се дека досега не бил осудуван, се работи за лице постаро од 60 години, ја признал вината, се каел за стореното дело и коректно се однесувал за време на постапката. Како отежнувачки околности судот ги зел дека делото е извршено на подмолен начин, без повод и причина, сторено е во Собранието и пренесено од медиумите, при што е предизвикан страв и несигурност кај граѓаните.

 

Ангелов мирно ја ислуша пресудата. Од судот си замина без изјава. На одење дофрли дека казната е превисока.

 

Пресудата за Ангелов е втора пресуда за насилствата во собранието од крвавиот четврток на 27 април. Со првата пресуда девет лица беа осудени на условни казни за кривичното дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien